ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ИМЕНУВАН ВО „Д-Р ХАИМ АБРАВАНЕЛ“

ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ИМЕНУВАН ВО „Д-Р ХАИМ АБРАВАНЕЛ“

Sorry, this entry is only available in Macedonian. For the sake of viewer convenience, the content is shown below in the alternative language. You may click the link to switch the active language.

ЈЗУ Здравствен дом од Битола, денес официјално беше именуван во „Д-р Хаим Абраванел“, според името на познатиот еврејски лекар – интернист, кој во периодот од 1943 до 1963 година работел во овој град.

На свеченоста присуствуваа амбасадорот на Израел, Дан Оријан, внуката на Д-р Хаим Абраванел, д-р Рахел Шели Леви Друмер, градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, заменик министерот за здравство Д-р Гоце Чакаровски, менаџментот и претставници од ЈЗУ Здравствен дом, општина Битола, Здружението „Архам“, претставници од јавниот живот на градот, македонското здравство, израелската амбасада, како и претставници на еврејската заедница од Македонија и странство.

„Битола бил градот во којшто се вкрстувале многу патишта во минатото. Во овој град, парче душа оставиле наши сограѓани, коишто припаѓале на различни етникуми и на различни верски заедници. Токму денес, овде сме, за да се потсетиме за едно парче душа, да искажеме благодарност на некој, кој бил дел од овој град, на некој на кој најмалку што можеме да му возвратиме е токму денешниов начин, денешниов настан. Особено се радувам што ова е не само потврда на космополитизмот на нашиот град, туку и потврда дека и денешните генерации го сочувале чувството за таа почит и за градење на вистинските вредности. Јас сум длабоко уверена, дека ова е само почеток на уште подлабока соработка со Израел и уште подобри мостови, кои ќе ги градиме за добробит на сите нас“, рече градоначалникот на општина Битола, м-р Наташа Петровска која заедно со амбасадорот на Израел ја отворија новата информативна табла, поставена пред ЈЗУ Здравствен дом.

Израелскиот амбасадор Дан Оријан, најави понатамошна голема соработка со општина Битола, во повеќе области, притоа нагласувајќи дека денешниот проект е реализиран во соработка со Министерството за здравство.

Одлуката за именување на Здравствениот дом во Битола во „Д-р Хаим Абраванел“ ја донесе Владата на Република Македонија во март 2017 година, а од денес покрај информативната табла, пред Здравствениот дом, поставено е пано со кус историјат за делото и дејноста на д-р Хаим Абраванел, кој бил и личен доктор на познатиот балкански кинематограф Милтон Манаки, кој со својата камера регистрирал дел од неговата хумана дејност.

Животот на Примариус Д-р Хаим Абраванел згаснал во израелскиот град Бат Јам во 1984 година. Неговата внука, д-р Рахел Шели Леви Друмер, на денешниот настан нагласи дека, според еврејскиот календар, точно на денешен ден пред 75 години во Битола, беше извршена депортацијата на Евреите од овој град.