ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА БИТОЛА

ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА БИТОЛА

Премиерот Зоран Заев и вицепремерот за економски прашања Кочо Анѓушев, денес ја посетиja Општина Битола, каде остварија работна средба со градоначалничката на Битола и со претставниците од бизнис секторот од битолскиот крај, со кои што разговараа за отворените можности за нови инвестиции и поддршка на малите и средни претпријатија. Со третиот столб, од планот за економски раст, малите и средни претпријатија, добиваат рекордно најголема државна помош досега, рече премиерот Заев при денешната средба со бизнис секторот, повикувајќи ги фирмите да аплицираат и да ги исцрпат сите предвидени средства.

„Ги разгледавме можностите за соработка помеѓу локалната и централната власт, на кои заедно ќе работиме и сме повикани заедно да одработиме за Битола. За првпат од државниот буџет обезбедени се рекордни средства во висина од 10,5 милиони евра, само за поддршка на малите и средните претпријатија. Економскиот план обезбедува поддршка и за брзорастечките компании, таканаречените газели, со 30 % поврат на направените инвестиции, за микрокомпаниите овозможуваме поддршка од 30% за направените инвестиции и за развој на иновативноста на микро, малите и средните компании со поврат до 70% од направените инвестиции, во активности поврзани со иновациите. Владата на РМ и економските ресори ги продолжуваат политиките на пораст на платите. Со компаниите ќе зборуваме за новата мерка со која што дополнително ја реализираме спиралата за пораст на плати. Станува збор за мерка со која државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка до 30% од растот на бруто платата на работниците во трудоинтензивните дејности. Мерката ќе се однесува на исплатени или покачени плати до 18 000 денари, а целта е една: да растат платите и граѓаните на Македонија да имаат повеќе пари, а притоа компаниите да останат стабилни и компетитивни на меѓународните пазари “, изјави премиерот Зоран Заев при денешната посета на Битола.

Градоначалничката Петровска директно го запозна премиерот Заев со состојбите во општината и перспективите за развој, како и со неопходноста од поддршката од централната власт.

„Тоа што нагласивме во разговорите, е дека ја имаме потребата од поддршка од централната власт, што Битола, генерално ја заслужува. Добивме позитивни одговори дека Битола, нема да биде запоставена и заборавена, како што била во изминатиот период. Ме радува што оваа средба е искористена со цел и стопанствениците да го кажат својот глас и нивните потреби како би можела, централната власт да одговори на истите. Со една ваква комуникација и воспоставување на работите, навистина ќе има перспектива не само за Битола, туку и за Република Македонија, воопшто“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Претседателот на Владата на Република Македонија, вети континуирана поддршка за развој и напредок на општина Битола.

„Огромните долгови прават притисок и врз квалитетното извршување на услугите кон граѓаните кои се во надлежност на општината, а зборуваме за образование за децата. Дел од преговорите на Владата со Европската банка за обнова и развој се однесува и на исплаќање на овие долгови. Разговаравме за огромните импликации со избрзаната одлука за стадионот. Стадионот треба и е многу важен, но овие стадиони се и од национален интерес, дефинитивно државата ќе мора да се втурне и да помогне, затоа што вкупна вредност од 5.5 милиони евра се огромни пари. Како после ќе се градат улиците, тротоарите и сл. Генералниот концепт, е тоа што може да го превземе државата, да го превземе, тоа што преку кредитните линии ќе го одложиме на 10-15 години исплата, со каматни стапки од 2-3%, наместо 13% како сега, извршителски, адвокатски трошоци, кои што постојат, сакаме да ги стабилизираме сите општини, а Битола ни е многу важна општина“, рече Премиерот Заев, нагласувајќи дека помошта ќе биде дадена на начин што државата ќе финансира голем број од проектите за водоводите, детските градинки, училиштата, за да можат општините да реалоцираат за враќање на овие кредити во наредните 10 години, со цел непречено да се реализираат услугите кон граѓаните.