СО СТРАТЕШКИ ПРИСТАП ДО ПОДОБРА ИСКОРИСТЕНОСТ НА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ

СО СТРАТЕШКИ ПРИСТАП ДО ПОДОБРА ИСКОРИСТЕНОСТ НА ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ

Sorry, this entry is only available in Macedonian. For the sake of viewer convenience, the content is shown below in the alternative language. You may click the link to switch the active language.

НВО Инфоцентарот и Општина Битоладенес организираа прес-конференција, на која беа презентирани наодите од анализата: Капацитети за искористување и програмирање на ИПА фондови на локално ниво – Студија на случај: Општина Битола“. Овој документ е дел од серијата студии на случај, во кои покрај Битола,  вклучени се и општините Струмица и Тетово, како и градот Скопје. Во студиите се анализираат и оценуваат постојните капацитети на општините за искористување и програмирање на ИПА фондовите, а се нудат и препораки за подобрување на состојбата. Досегашните анализи за Општина Битола, покажуваат низок процент на искористеност на достапните средства, како резултат на отсуството на политичка волја, пасивниот  и стратешки нефокусиран пристап. „Во овој проект, гледам проект, кој ќе иницира следни проекти. Токму тоа, беше и причината што го потпишавме овој Меморандум за соработка со НВО Инфоцентар, затоа што наша цел е како општина да ги зајакнеме капацитетите на општината со што би можеле да бидеме поуспешни, при аплицирањето за средствата што ни се нудат од Европските фондови, а притоа, тие аплицирања да завршат со успех и бенефит за целата општина. Токму затоа, анализите на НВО Инфоцентарот за согледување на постоечките капацитети, меѓутоа и нивните намери  потоа да извршат дополнителни обуки, меѓудругото и на општинската администрација, претставуваше за нас сериозен предизвик и беше исклучително значајно и перспективно. Токму затоа, очекувам дека во следниот период Општина Битола, сериозно ќе ги зајакне своите капацитети и дека навистина ќе бидеме многу поуспешни во добивањето на проекти, затоа што не само во Битола, туку и на ниво на држава, сите знаеме дека во изминатиот период многу малку беа искористувани средствата од овие фондови и голем дел од парите се враќаа назад и завршуваа неискористени. Имајќи предвид дека сме држава на која и треба сериозен инпут во развојот, тоа во иднина не смее да ни се случува и се ова што денес го правиме е во насока на подобрување на сегашните состојби“ изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска. Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентарот, нагласи дека досегашните анализи покажуваат мала искористеност на средствата од Европските фондови во Република Македонија, така што средствата од ИПА 1 само врз основа на договори се искористени 71%, што не го претставува реалниот процент, затоа што иако, договорите се потпишани, голем дел од тие средства се вратени. „Тоа што претставува предизвик е тоа што во тек е ИПА 2 до 2020 година, во која што има многу повеќе средства од претходната. Треба да се вложат максимум напори за да се изградат и да се надоградат капацитетите, но и стратешките преокупации на локалните власти во однос на искористување на ИПА фондовите, а се со цел за развој на локалната заедница. ИПА 2 е концентрирана на локалната економија, вработувањето, мобилноста на работната сила, социјалниот, културниот развој, развојот на туризмот, многу важни сегменти за развој. Честитки до Битола, бидејќи веќе има 2 одобрени проекти, а еден на резервна листа што покажува добар тренд“, рече меѓудругото Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентарот, додавајќи дека во моментот политичка волја има, објективно се следат слабостите и добрите страни, а ќе се дејствува и во насока на стратешка надградба и зголемување на соработката со граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и другите субјекти со цел заедничко аплицирање и учество во проекти. Настанот беше организиран во рамките на проектот „Локален консултативен механизам ИПА2“, кој го спроведуваат НВО Инфоцентар и Организацијата на жени од Струмица. Проектот е финансиран од Европската Унија.