Спорт

Спорт

ПРОФЕСИОНАЛНИ СПОРТОВИ И СПОРТСКИ ОБЈЕКТИ

Општина Битола преку Советот на Општината Битола донесува Програма за активностите во областа на спортот врз основа на основните одредби од Зaконот за спорт и Законот за локална самоуправа.

Главни цели на програмата за активности во областа на спортот е афирмирање на Општина Битола како развиена спортска општина која создава услови за развој и поддршка на програмите за спорт и спортско-рекреативните активности.

Програмата за активностите во областа на спортот се состои од активности за :

  1. Поддршка и развој на предучилишен и училишен спорт со реализирање на спортски активности и систем на натпревари на учениците.
  2. Поддршка и унапредување на спортот, спортските клубови и професионалните спортски клубови регистрирани на подрачјето на Општина Битола.
  3. Поддршка на рекреативни активности на граѓаните и рекреативни активности на лица со посебни потреби.
  4. Поддршка на традиционални манифестации и манифестации од особен интерес на Општина Битола.
  5. Поддршка на програми и проекти на останати спортски организации од интерес на Општина Битола.

Вреднувањето на доставените програми се одредува врз основа на:

– остварени спортски резултати ( клубови кои се натпреваруваат  во највисоката лига на натпревари или клубови кои што имаат поединци со остварен висок пласман прво, второ или трето место на официјалните Европски и Светски Првенства )

– број на учесници во активностите или манифестациите во поднесените програми и проекти

– број на земји учеснички

– манифестацијата да е во календарот на меѓународната спортска асоцијација, со статус и категорија на меѓународен натпревар.

УЧИЛИШНИ ЛИГИ                                                 

Во насока на унапредување на училишниот спорт општина Битола ги финансира програмите, проектите и спортските активности на учениците и на младината, со посебен акцент на реализирање на спортски активности и натпревари на учениците од основните и средните училишта на подрачјето на општина Битола –  РАЗВОЈ НА УЧИЛИШНИОТ СПОРТ.

Организирањето на училишниот спорт во основните и средните училишта на подрачјето на општината Битола се врши преку основање на училишни спортски клубови кои делуваат во своите училишта со дадена согласност и приоритет во договорите за користење на училишните спортски сали без надомест.

Општина Битола во својата програма предвидува  реализиција на училишни спортски лиги во учебната 2014/2015 година во машка и женска конкуренција во 4 спортови и тоа:

  • МАЛ ФУДБАЛ (МАШКИ) за основни училишта во која учество ќе земат 14 основни училишта. Реализицијата согласно програмата е од месец Октомври до месец Мај и планирани се одигрување на вкупно 44 натпревари во еднокружен систем на натпреварување до финален турнир.
  • КОШАРКА (ЖЕНСКИ) за основни училишта во која учество ќе земат 10 основни училишта.Реализирањето истотака ќе се одвива од месец Октомври до месец Мај и планирано е да се одиграат вкупно 39 натпревари во еднокружен систем на натпреварување до финален турнир.
  • РАКОМЕТ (МАШКИ) за средни училишта во која учество ќе земат 6 средни училишта.Ќе се реализира од месец Октомври до месец Мај и планирани се вкупно 30 натпревари во двокружен систем на натпреварување.
  • ОДБОЈКА (ЖЕНСКИ) за средни училишта во која учество ќе земат 6 средни училишта. Ќе се реализира од месец Октомври до месец Мај и планирани се да се одиграат вкупно 30 натпревари во двокружен систем на натпреварување.

Во сите овие активности учество земаат 14 основни училишта, како и 6 средни училишта од нашата општина со вклученост на 3000 до 4000 ученици. Активностите ги реализираат и спроведуваат стручни кадри, околу 50 професори по ФЗО од нашата општина (членови на ОСУС Битола), општинските судиски  организации како и одделот за спорт од нашата општина.

За унапредување на училишниот спорт главна улога има мотивираноста на стручниот кадар кој произлегува од воспитно образовниот систем, константна расположливост на објектите за спорт во училиштата, прилагодување на систем на натпревари заради мотивираност на учениците и воннаставни активности.

Училишните сали можат да се користат за рекреација или спортски активности по од страна на граѓаните на општината со претходно барање за користење и согласно цени утврдени со Одлука Ценовник за користење на спортски објекти на подрачјето на Општината Битола донесен од  Советот на Општина Битола но по завршувањето на активностите опфатени со Училишниот спорт и училишните спортски клубови.

sport fudbal

(Одлука бр.1)

ТРАДИЦИОНАЛНИ СПОРТСКИ МАНИФЕСТАЦИИ  

Општина Битола ги финансира традиционалните спортски приредби и манифестации од локален, регионален, национален и меѓународен карактер, со цел зачувување на континуитетот на вакви манифестации за кои има интерес од граѓаните и кои се во интерес на развојот на спортот во општината.

ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА СПОРТСКИ КЛУБОВИ

Општина Битола ги поддржува спортските активности на спортисти – аматери како и спортските клубови регистрирани на подрачјето на Општина Битола. Општина Битола превзема активности на разгледување, поттикнување и создавање на здрав потенцијал за врвен спорт притоа земајќи ги во предвид и состојбите од останатите сфери во општеството кои се поврзани со создавање на врвни спортисти и натамошно делување во квалитативна насока. Ова ќе ни овозможи квалитетни спортски резултати во континуитет, а не само поедини резултати на наши спортисти кои се главно плод на вешта импровизација или сплет на среќни околности. Оваа програма треба да обезбеди поддршка на спортските клубови кои се членки во националните спортски федерации за учество на спортисти поедици и национални тимови во рамки на меѓународен систем на натпревари. Поддршката треба да се заснова на претпоставки за успех темелени брз реални параметри, односно врз основа на спортски резултати кои во рана фаза ќе го потврдат врвниот спортски потенцијал.

ПРОФЕСИОНАЛНИ  СПОРТСКИ  КЛУБОВИ

Општина Битола во насока на унапредување на спортот ги поддржува и финансира професионалните спортски клубови регистрирани на подрачјето на Општина Битола. Со поддршката на професионалните спортски клубови – акционерски друштва им се помага во разрешување на финансиските тешкотии со што ќе понудат соработка и ќе привлечат голем број компании, а исто така со добро раководење ќе имаат можност да остварат профит кој ќе биде вложен во клубот. Самите вложувачи акционери ќе имаат свои права кои ќе ги остваруваат. Со оваа мерка ќе се придонесе кон следење на европските и светските искуства каде што најголем број на клубови функционираат како акционерски друштва, регулирање и утврдување на сопственоста и сопственичката структура на клубовите, привлекување на повеќе спонзори и приватни компании кои ќе инвестираат во спортските клубови и поголеми можности за остварување профит од истите.

ПРОГРАМИ ЗА АКТИВНОСТИ НА ЛИЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

( шах,  стрелаштво,  пинг понг)

Општина Битола ги поддржува и спортско-рекреативни активности на лица со посебни потреби на подрачјето на општината.

СПОРТСКИ САЛИ И ОБЈЕКТИ

Општина Битола покрај поддршка на програми и проекти на спортски клубови исто така во континуитет ги подобрува и условите за тренинг како главен предуслов за постигнување на врвни спортски резултати. Континуирано се инвестира во обезбедување услови за спортување преку реализирање на програми за подобрување на спортската инфраструктура, преку изградба и адаптација на спортски објекти, реконструкција и  модернизација на постојните спортски објекти како и со замена на дотраените спортски реквизити со нови.

Со реализација на инфраструктурниот проект за инсталирање на вештачка трева, во фудбалското игралиште – Ќумурно од страна на Фудбалската Федерација на Македонија во соработка со УЕФА и Општина Битола се овозможија нови услови за тренинг. Ова е од особено значење за развојот на спортот, бидејќи фудбалското игралиште се користи за непрестајно одвивање на тренинзи без притоа да се оштети теренот и се овозможи бесплатни тренинзи за сите категории членки на ФФМ.

Фудбалските игралишта можат да се користат и за рекреација од страна на граѓаните на општината со претходно барање и со цени утврдени со Одлука Ценовник за користење на спортски објекти на подрачјето на Општината Битола донесен од  Советот на Општина Битола.

sport kosarka

(одлука бр.2)

Покрај бесплатните тренинзи кои што ги имаат фудбалерите, Општина Битола им овозможува и бесплатно користење на спортската сала „Младост“ за одржување на спортски тренинзи на прволигашите како што се машкиот и женскиот ракомет и кошарка.

Со ставање во функција на сега ново реновираната мала сала во спортската сала „Младост“, покрај условите кои им се овозможени на сениорската постава сега се овозможи бесплатни тренинзи и на младинските категории во ракометот и кошарката.

Спортската сала „Младост“ може да се користи и за рекреација од страна на граѓаните на општината со претходно барање за користење и согласно цени утврдени со Одлука Ценовник за користење на спортски објекти на подрачјето на Општината Битола донесен од  Советот на Општина Битола.

(Одлука бр.3)

  1. Спортска сала „ Младост “
  2. Спортска сала „ Павел Шатев“
  3. Фудбалско помошно игралиште во Горно Оризари
  4. Фудбалско игралиште со вештачка трева „Павел Шатев“
  5. Отворен базен со ресторан, закуп ЅИУ – Битола ( ЈПССП )
  6. Тениски игралишта, закуп ДГС „Партизан“ ( ЈПССП )
  7. Ракометни игралишта , закуп МЕГА СПОРТ – Битола ( ЈПССП )
  8. ДТВ Партизан , закуп ЏОКЕР ТУРИСТ – Битола ( ЈПССП )
  9. Спортска сала во ОУ „Св.Климент Охридски “
  10. Спортска сала во  ОУ  „Коле Канински “
  11. Спортска сала во  ОУ  „Елпида Караманди “
  12. Спортска сала во СОЗУ  „ Кузман Шапкарев “
  13. Спортска сала во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито “
  14. Спортска сала во СОЕУ „ Јане Сандански “
  15. Спортска сала во СОМУ  „ Д-р Јован Калаузи “
  16. Спортска сала во СОТУ „ Ѓорѓи Наумов “
  17. Спортска сала во  СОУ  „ Таки Даскало “

Општина Битола континуирано инвестира во обезбедување услови за спортување преку  реализирање на програми за подобрување на спортската инфраструктура, преку изградба и адаптација на спортски објекти, реконструкција и  модернизација на постојните спортски објекти како и со замена на дотраените спортски реквизити со нови.

КРВОДАРИТЕЛСКИ АКЦИИ

Општина Битола заедно со спортистите организира доброволни крводарителски акциии со цел да ја покажат својата хуманост и да бидат позитивен пример за младината.

krv 1

ХУМАНИТАРНИ МАНИФЕСТАЦИИ И НАТПРЕВАРИ

Општина Битола ги поддржува и учествува во организација на хуманитарни манифестации и разни натпревари на деца од социјално загрозени семејства.

sport humanitarna

ДОПОЛНИТЕЛНО УТВРДЕНИ АКТИВНОСТИ

Општина Битола ќе ги финансира програмите, проектите, активностите и манифестациите кои не се опфатени со претходни позиции во програмата за активности во областа на спортот, а кои со својата актуелност, атрактивност, значење и квалитет, придонесуваат за остварување на програмските цели во областа на спортот во Општина Битола за 2015 година.