АМБАСАДОРОТ НА РЕПУБЛИКА ТУРЦИЈА ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ОПШТИНА БИТОЛА

АМБАСАДОРОТ НА РЕПУБЛИКА ТУРЦИЈА ВО РАБОТНА ПОСЕТА НА ОПШТИНА БИТОЛА

Амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија Хасан Мехмет Секизќок оствари прва работна средба со градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, по неговото доаѓање на функцијата амбасадор во нашата земја.

Покрај историските врски, амбасадорот Секизќок ја потенцираше блискоста на двете земји и поддршката на Турција во изминатите години од осамостојувањето на државата. Тој посака уште поголема соработка со локалните субјекти, како што е Универзитетот, училиштата и поголема поддршка за развој на туризмот, особено што Битола е град во кој често престојуваат турски гости.

Градоначалничката Петровска покрај актуелните случувања во градот, ги посочи тековните проекти на локалната самоуправа и важноста за реализација на неколку од нив, вклучувајќи го и проектот за гасификација на Битола. На средбата се разговараше за можностите за економска соработка, на која што двајцата соговорници веќе предложија и конкретни натамошни активности.

Во присуство на амбасадорот Хасан Мехмет Секизќок, беше и почесниот конзул на Република Турција во нашиот град,Омер Сулејман. Поводот за доаѓањето на амбасадорот беше одбележувањето на 121 година од матурирањето на Кемал Ататурк во Битола, но настанот, поради актуелните препораки не се одржа.