БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО ДЕНОВИТЕ СО ЗГОЛЕМЕНО ЗАГАДУВАЊЕ ВО БИТОЛА

БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО ДЕНОВИТЕ СО ЗГОЛЕМЕНО ЗАГАДУВАЊЕ ВО БИТОЛА

Откако вчера изутрина градоначалничката на Општина Битола покрена и достави иницијатива до превозниците кои вршат општински линиски превоз на патници во Општина Битола со градските линии,  да обезбедат бесплатен јавен превоз за сите патници, кои што ќе сакаат да го користат овој вид на превоз во критичните денови со високи нивоа на загаденост на воздухот над максимално дозволените, сите превозници во текот на вчерашниот ден ја прифатија иницијативата.

„Општинските превозници ја прифатија иницијативата за да им овозможат во загадените денови на граѓаните да се возат без наплата на билети, за што општината од сопствениот буџет ќе изврши надомест во висина на просечниот приход од последните 30 дена. Одговорот го добивме во текот на вчерашниот ден. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на нивната експедитивност при доставувањето на одговорот, што покажува нивна општествена одговорност. По ова денес се одржува вонредна седница на Совет на која ќе се донесе одлука, со што ќе се овозможи законска имплементација на овој процес“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Таа истакна дека како градоначалник, заедно со локалната самоуправа, остануваат отворени за секоја дополнителна мерка која што доаѓа од граѓанскиот или невладиниот сектор, во однос на предлози за друга мерка која што реално  може да се имплементира и на некој начин да врши ублажување на состојбите кои што се присутни како последица на загаденоста на воздухот.

„Ова е краткорочна мерка која што на кус план може да врши ублажување на загадениот воздух. Конзистентно стојам на досегашните мои изјави дека долгорочните мерки подразбираат и долгорочни процеси. Работи едната мерна станица, но она што општината може да го направи е да испрати барање до Министерството да ја регулира и другата мерна станица, која што е во нивна надлежност“, посочи Петровска.

Во однос на најавениот протест од страна на средношколците за загадениот воздух, Петровска рече дека во демократско општество протестот е начин на изразување, но нагласи дека Владата и локалната самоуправа се отворени кон граѓаните, кои треба до нив да ги достават своите барања. Доколку тие останат глуви на нивните барања, тогаш како форма најдемократски може да го спорведат правото и во форма на протести, кои што треба да ја имаат компонентата на искажување на волјата, но не и формата на насилие.