БИТОЛА ДОБИ УШТЕ ЕДЕН ПОЧЕСЕН КОНЗУЛАТ

БИТОЛА ДОБИ УШТЕ ЕДЕН ПОЧЕСЕН КОНЗУЛАТ

Градот на конзулите од денес е побогат за уште еден почесен конзулат. Во присуство на високи функционери од државниот врв, дипломатски претставници, конзули, почесни конзули, стопанственици и други гости, свечено беше отворен почесниот конзулат на Република Албанија во Битола. На свеченоста присуствуваше и градоначалничката Наташа Петровска, која беше дел од церемонијата на отворање на конзулатот.

„Денес, во градот кој што е претпознатлив по конзуларните претставништва, го имаме 10-тиот почесен активен конзул на Република Албанија, господинот Имер Селмани, кој на мое задоволство, од денес е официјално назначен на оваа позиција. Ме радува што ова практично ни отвора можности за многу подлабока соработка на двете држави, отворање на границите на соработка на ниво на локалните самоуправи, благодарение на тоа што веќе имаме почесен конзул кој што ќе го олеснува сиот овој процес“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Назначениот почесен конзул Имер Селмани, испрати порака дека Битола е град на конзулите и е место со посебна историја.

„За Албанците е многу важен како град, затоа што пред 111 години тука преродбениците ги ставија темелите на новата азбука, модерната албанска азбука која и денес се употребува. Градот Битола има голем придонес во создавањето на самата азбука, а со тоа и Албанците и Македонците кои што денес тука живееме, заедно со Власите и сите други етникуми, сме горди на минатото, а со овој чекор, со труд и работа, сите ќе се трудиме да придонесеме и за нашата иднина, затоа што имаме заедничка цел, да имаме подобро место за живеење под едно сонце, во НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија“, посочи Селмани.

Ова е десеттиот почесен активен конзулат во Битола, а во градот работат и два генерални конзулати.