БИТОЛА ЖИВЕЕ СО ФИЛМОТ

БИТОЛА ЖИВЕЕ СО ФИЛМОТ

Битола ќе биде центар на филмскиот свет во наредните седум дена. Тоа се потврди и на синоќешното свечено отворање на 39 издание на ИФФК „Браќа Манаки“, на кое продефилираа бројни имиња од светот на филмот, вклучувајќи ја и легендарната Клаудија Кардинале, како и оскаровецот Роџер Дикинс.

Обраќајќи се пред публиката во Центарот за култура во Битола, градоначалничката Наташа Петровска истакна дека Битола секогаш со широко срце ги дочекувала гостите на овој фестивал, а и годинава, како град домаќин, има што да им понуди на гостите од целиот свет.

„Фестивалот е значаен за битолчани, но и значаен за целиот свет затоа што потврдува како може да му се пркоси на времето и потврдува дека и четвртата димензија има релативитет. Добрата фотографија може така умешно да гоулови мигот да ја скрши минливоста, да се разлее во вечноста, како ништо друго поинаку. Оттаму мојот длабок поклон до сите кинематографи, но и до сите наши добитници вечерва кои што потврдуваат дека ваквите вредности се вредности кои треба  не само да им се поклониме туку да ги пратиме во вечноста. Уживајте во седумте фестивалски вечери, бидејќи животот е премногу краток“, истакна Петровска.

Добитникот на „Златна камера 300“ за животно дело, Роџер Дикинс ја прими наградата од директорката на фестивалот Гена Теодосиевска. Таа истакна дека кинематограферите додека снимаат се како вистински ѕвезди и тешко е да се дојде до нив и се заблагодари што на фестивалот му била дадена можност Роџер да биде оваа вечер во Битола.

Наградата „Специјална златна камера 300“ на Клаудија Кардинале  за особен придонес во светската филмска уметност и’ ја врачи министерот за култура, Асаф Адеми.Таа во кусото обраќање се заблагодари на наградата, ја нарече прекрасна и се заблагодари на Фестивалот што и’ ја додели наградата.

На македонската актерка Милица Стојанова, која годинава е лауреат на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија, наградата и’ ја врачи Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ.

Перформансот на отворањето беше во режија на Срѓан Јаниќијевиќ и годинава помина во знакот на магијата на филмот и беше посветен на мотото на фестивалот „Симнуваме капа“.По свеченоста на доделување на наградите, присутните имаа можност да ја види светскста и македонска премиера на краткиот филм „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов – Изи, а во чест на лауреатот на Златна камера 300, кинематограферот Роџер Дикинс беше прикажан филмот „Истребувач 2049“ за кој тој доби Оскарот за најдобра камера.