БИТ ФЕСТ: „1000 ЗОШТО, 1000 ЗАТОА“ – ДЕТСКА РАБОТИЛНИЦА

БИТ ФЕСТ: „1000 ЗОШТО, 1000 ЗАТОА“ – ДЕТСКА РАБОТИЛНИЦА

Во Националната установа Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски“ од Битола,  во рамките на БИТ ФЕСТ  се одржа настанот, насловен како „1000 зошто 1000 затоа, во магичната земја на тајните“. Станува збор за серија работилници, базирани на учење низ игра кое интегрирано вклучува збогатување на детскиот речник, читање во функција на истражување и селекција на корисни информации, поттикнување на љубопитноста за примена на книги, енциклопедии и современи извори на информации уште од рана училишна возраст, креативно изразување и творење од областа на литературата и ликовната уметност.

„Љубопитноста живее во секое дете и токму таа треба да биде мудро искористена за насочување на децата, поттикнување на различни интереси, сензибилитет кон светот кој ги опкружува. Читањето ставено во функција на истражување на информации кои се интересни за децата, поврзано со креативни игри и активости, е одлична вежба за концентрација, упорност, стекнување навики за читање и вештини за читање со разбирање на прочитаното“, истакна учителката Весела Богдановиќ, реализатор на работилницата.

За време на првата работилница дечињата од нашиот град имаа можност да патуваат во светот на гинисовите рекорди. Водени од мотото „Ајде да откриваме тајни“ преку приказна соодветна за нивната возраст се запознаа со „Книгата на гинисови рекорди“.

 

Учителката Весе на едноставен детски јазик успеа да им ја раскаже историјата и идејата за настанок на најпопуларната збирка на информации на сите времиња и предизвика интерес за понатамошни истражувања за време на летото, преку кои може да се стигне до интересни информации за теми со кои дечињата секојдневно се соочуваат.

 

За време на нивната следна работилница „Пет возбудливи авантури околу логорскиот оган“ дечињата ќе имаат можност да ги откриваат тајните на Титаник, да патуваат во средновековен замок, на мисија на Месечината и да бидат гости на пиратски брод. Работилниците се бесплатни и отворени за сите заинтересирани дечиња.

НУУБ „Свети Климент Охридски“ ќе објавува јавен повик за секоја следна тема и време на изведување на секоја следна работилница, а родителите можат навремено да ги пријавуваат своите дечиња се до комплетирање на бројот на учесници, предвиден за секоја работилница.