ЕДНОРОДИТЕЛСКИТЕ СЕМЕЈСТВА СО ПОДДРШКА ОД ОПШТИНА БИТОЛА

ЕДНОРОДИТЕЛСКИТЕ СЕМЕЈСТВА СО ПОДДРШКА ОД ОПШТИНА БИТОЛА

Претставници на Здружението на еднородителски семејства „Дел од сите“ од Битола, во кабинетот на градоначалничката м-р Наташа Петровска ги презентираа резултатите добиени од проектот на кој работеа изминатите месеци. Главна цел на проектот е да се утврди состојбата со еднородителските семејства во градот, нивните потреби, како и со проблемите со кои што се соочуваат секојдневно.

Според податоците на испитаниците кои учествуваа во истражувањето, а кои припаѓаат во категоријата еднородителски семејства, се добива појасна слика за натамошните делувања во насока на помош на оваа категорија граѓани. Истражувањето ќе биде проследено и до Министерството за труд и социјална политика.

Со конкретни предлози и мерки кои произлегуваат од проектот, претставничките на здружението „Дел од сите“ Катерина Тошевска и Јасминка Кочанковска договорија натамошни чекори на идна соработка и поддршка со Општина Битола. Градоначалничката Петровска истакна дека локалната самоуправа во голема мерка ќе се заложи да го подобри статусот на живот на оваа категорија граѓани.

Проектот за согледувањето на состојбата на еднородителските семејства во градот, во вредност од 40.000 денари е финансиран од Општина Битола.