ЗАВРШНА ФАЗА НА ДЕЛ ОД УЛ. „КРУШЕВСКА РЕПУБЛИКА“

ЗАВРШНА ФАЗА НА ДЕЛ ОД УЛ. „КРУШЕВСКА РЕПУБЛИКА“

Инфраструктурните зафати на ул. „Крушевска Република“ од поранешен Прогрес до влезот во Тумбе Кафе се во завршна фаза. Во овој дел изведена е канализациона мрежа, поставена е и водоводна мрежа, а како последна етапа во зафатот ќе биде поставувањето на коловоз. Оваа улица е многу важна во сообраќајното поврзување на градот, бидејќи е во близина на Градскиот парк и Тумбе Кафе, а треба да направи конекција и со новите населби АРМ 1 и АРМ 2.

„Во овој период застануваме со активностите на оваа улица. Минатата локална самоуправа не изработила проектна документација за поместување на 35 KV столб, за да може да се продолжи со инфраструктурните зафати. При тоа, исто така како затекната состојба од минатата локална самоуправа е несоодветно решение кое не е третирано проектантски, околу делот на каналот, кој мора да биде поместен, за да се постави соодветно коловозот. Сите средства кои во иднина ќе бидат потребни за да се заврши овој проект, ќе бидат обезбедени од општината, која во овој момент е и тоа како во стабилна финансиска состојба, но откако ќе биде затворена проектната документација“, рече градоначалнинчката Наташа Петровска.

Во изведбата учествуваа двете јавни битолски претпријатија „Нискоградба“ и Водовод“. Директорот на ЈП „Водовод“ Горан Козаров истакна дека инвестицијата на ова јавно претпријатие во сегашната изведба е во вредност од околу 780.000 денари.

„При изведбата се соочивме и со одредени проблеми, овде тлото е доста калливо, има подземни води, тука поминува каналот и ја отежнува работата. Јавното претпријатие ги изведе сите работи на оваа улица навремено, иако при изведбата беше оштетена цевка, што ја успори работата“, посочи Козаров.

Вредноста на овој инфраструктурен зафат е 6.916.940 денари, односно над 112.000 евра.