ИНИЦИЈАТИВА ЗА ФОРМИРАЊЕ ЛОКАЛЕН СОВЕТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ФОРМИРАЊЕ ЛОКАЛЕН СОВЕТ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО

Младинскиот културен центар – Битола во рамките на грантот „Инспирирај, вклучи се, волонтирај!“ поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество , денес изврши презентација на иницијативата за воспоставување на Локален совет за волонтерство во рамките на Општина Битола. Целта на грантот „Инспирирај, вклучи се, волонтирај!“ е да се зајакне активното младинско учество преку одржлив развој на волонтерството на локално ниво. На настанот, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Битола и Младинскиот културен центар, а беше отворена и дискусија со цел првични консултации за функцијата и ингеренциите на локалниот совет за волонтерство и очекуваните резултати од работата на ова тело.

„Во насока на веќе донесениот документ – Стратегија за волонтерство, денес ќе потпишеме Меморандум за соработка со МКЦ, со кој всушност како општина, ќе ги направиме чекорите за формирање на Локален совет за волонтерство, чија намена ќе биде да ги подобри механизмите на контролирање и организирање на волонтеризам во нашата општина. Ние сме прва општина која што го прави тоа. Исклучително е значајно за младите од средношколската и струдентската возраст, да го стекнат сенсот за волонтеризмот, за значењето на истиот, што претставува вовед за нивниот понатамошен придонес во општествената заедница, воопшто. Така што сум радосна што Битола е општината која предничи во оваа насока“, изјави градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска.

„Работата на локалниот волонтерски совет ќе биде насочена кон унапредување на процесите на волонтерство, нивно доближување до граѓаните и до сите заинтересирани страни, како што се граѓанските организации, локалните институции, училиштата (средните и основните) и поединците, кои ќе имаат можност да го унапредат своето знаење, но и своето делување на полето на волонтерството“, изјави на денешниот настан Сашо Додовски – МКЦ Битола.

Локалниот совет за волонтерство ќе претставува меѓусекторско тело одговорно за имплементација и следење на Стратегијата за развој на волонтерството во општина Битола (2015 – 2018) и промоција на волонтерските политики и програми на локално ниво. Формирањето на Локалниот совет за волонтерство, предвидено е во рамките на оваа стратегија и негови клучни задачи ќе бидат: Да работи на зголемување на бројот на младинско учество во локалната заедница преку волонтерство, како и да работи на препознавање и признавање на волонтерскиот труд на локално ниво.