ИНТЕНЗИВНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ОБИКОЛНИЦАТА НАД БИТОЛА

ИНТЕНЗИВНА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ОБИКОЛНИЦАТА НАД БИТОЛА

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска извршија увид во градежните работи на магистралниот пат Прилеп-Ресен, во делот на обиколницата над Битола, како и на реконструкцијата на водоводната мрежа во селото Лавци. Особено беше потенцирана динамиката на изведба на градежните зафати, кои наместа се изведуваат и пред зададениот рок.

„Конечно Битола ја добива динамиката на инфраструктурни зафати кои што ги заслужуваше и во минатото, но ги немаше, а денес гледаме дека состојбите се многу поинакви. Се наоѓаме на оваа делница на магистралниот пат како потврда за тоа, а во делот кај населеното место Лавци ќе видиме како течат активностите на инфраструктурното уредување на канализациона и водоводна мрежа, каде што вкупните инвестиции се над 19 милиони денари, од кои над 12 милиони се директно средства од буџетот на Општина Битола. Битолчани ова го заслужуваа многу порано. Со ваква динамика ќе продолжиме и конечно Битола ќе го има она што го заслужува“, рече градоначалничката м-р Наташа Петровска.

Министерот Сугаревски посочи дека во заедничките проекти кои ги работи државата со општините, се очекува во наредните две години овие региони интензивно да бидат развиени во делот на патната, комуналната и железничката инфраструктура.

„Оваа инвестиција е околу 1,5 милиони евра, рокот е 8 месеци, но она што ме интересираше е дали активностите може да се изведат во пократок рок и оваа реконструкција да биде завршена. Надлежните не информираа дека согласно временските услови ќе направат напор да се заврши што побргу. Ги повикувам возачите на трпение, знам дека станува збор за многу битна локација и дека поголем дел од возилата ќе мора да одат низ Битола, но со ова се решаваат клучните работи околу оваа обиколница, која беше многу оштетена. Во Пелагонискиот регион по неколку месеци ќе започне рехабилитацијата на патот Битола-Демир Хисар, на патот Битола-Меџитлија, а се работи на проектна документација за автопатско решение на делницата Прилеп-Битола. До крајот на декември очекуваме комплетно да биде завршена и железничката пруга кон Кременица. Преговараме со грчките власти и од нивна страна да биде искоординирано, за да биде се ставено во функција“, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.

Во делот на магистралниот пат кај населбата Баир, во координација со Јавното претпријатие за државни патишта, во моментов се изработува посебен проект за поставување на звучни бариери на критичниот дел од патот.