Институции

Институции

НАРОДЕН ТЕАТАР БИТОЛА

ГРАНДИОЗНИТЕ ТЕАТРИ ЈА ПИШУВААТ НАШАТА ИСТОРИЈА …….

Првата театарска зграда е изградена по наредба на битолскиот валија Абудл Керим – паша

Нејзината изградба трае долго, од 1897 година, кога се поставени темелите се до 1906, односно 1908/1909 година, кога најпосле е завршена и сцената. Зградата е користена за сите видови приредби, од  естрадни и циркуски до театарски. Првиот професионален театарски ансамбл во неа работи од 1910 до 1912 година, кога пожарот целосно ја уништува.

Од крајот на 1913 до 1915 година во Битола функционира Градски театар, професионална трупа составена од некогашните патувачки актери, кои претставите ги играат на српски јазик.

До почетокот на Втората светска војна во Битола се активни уште неколку театарски трупи, коишто претставите ги изведуваат на српски јазик, додека скопскиот Народен театар          „Краљ Александар Први“ постојано и задолжително гостува со речиси сиот свој репертоар. Оттука, театарскиот живот во Битола се одвива исклучително интензивно.

За време на Втората светска војна во Битола перманентно работи бугарскиот театар (најпрвин како полупрофесионален, а од 1943 година како професионален). Истовремено, во градот функционираат и повеќе аматерски и полупрофесионални дружини, организирани по училиштата.

Битолскиот народен театар е основан на 14 ноември 1944 година, со изведбата на претставата „Ѓоре Магарески“ , прва  театарска претстава изведена на македонски јазик.  Првите членови и основачи на Битолскиот  театар се : Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски,Славче Матевски,  Георги Карев  и Јован Бејко.

Од 1980 година театарот работи во нов, исклучително функционален објект, кој на ансамблот му овозможува најдобри технолошки услови за работа. Театарската ложа располага со 418 седишта, современа сцена и сценска техника, работилници, гримиорни и помошни простории.
Народниот театар – Битола , во својата долгогодишна успешна работа  добитник е на голем број награди и признанија како: „11 Октомври“, „Климент Охридски“, „4 Ноември“, Стерини награди, Златни ловорови венци,  „Војдан Чернодрински“ и др.

Учесник е на многу театарски фестивали и манифестации во земјава и надвор од неа како: „Стерино позорје – Нови сад“, „МЕС – Сараево“, „Театарски игри Војдан Чернодрински – Прилеп“, „Охридско лето“, „МОТ –  Скопје“, „Екран театар-фест“, „Дубровнички летни игри“, „ЕУРОКАЗ – Загреб“, „Саем на театарот – Љубљана“, „Алтернативе театар – Подгорица“, „Град – театар – Будва“, „Фестивал на детето – Шибеник“ и др.

Гостувал во многу градови во земјава и странство како во: Москва, Ташкент, Кишињев, Вроцлав, Софија, Плевен, Благоевград, Корча, Лондон, Израел, Санкт Петербург, Торонто итн.

Битолскиот народен театар ја раситнува осмата денеција со активна театарска креативност.

 

НУ „ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА“ БИТОЛА

Културата и уметноста се знак на распознавање на секое општество, и затоа претставува  моќен производ за презентирање на културните вредности.

НУ „Центар за Култура“ – Битола, е основан во 1980 год со тенденција и програма за развој и промоција на културно-уметничката, филмската и драмската уметност.

Самото создавање вистински услови за слободно уметничко творештво, со поттикнување на културните процеси како и почитување на културните традиции се основа за културен развој и презентирање на вредностите на заедницата.

Битола, своите почетоци на развој на културната цивилизација ги влечи многу оддамнина, почнувајќи од средината на IV век пред н.е.  Театарот на  античкиот локалитет Хераклеја, е вечен историски доказ каде се играле пресудни улоги во издигањето и создавањето на културните процеси на почитување на културните традиции за културен развој и презентирање на вредностите на заедниците.

Битола како лулка на цивилизацијата и град со инзвонредно културно-уметничко наследство и најмоќен духовен центар на многу народи, претставува богато поле на повеќеслојни цивилизации кои оставиле траги од културите што поминале и напишале вредности.

Центарот за култура, како јавна установа, која постои повеќе од триесетина години, создава услови за континуиран непречен развој и поддршка на граѓанските културни иницијативи, во интерес на потребите на заедницата и локалната самоуправа, осознавајчи го своето духовно и културно богатство.

Покрај традиционалната постоечка форма на дејности и целни групи што се опфатени, тоа неминовно  бара и создавање на услови Центарот за култура да ги отвори вратите за задоволување на културните потреби на младата генерација, како основен генератор на сите позитивни промени.

Незаобиколна форма на дејност во Центарот е  и поддршката на аматеризмот и неговото интензивирање, како една од методите за развивање на севкупната сопствена креативност и инвентивност во начинот на презентирање на културните вредности,традиции и обичаии..

Центарот за култура е потполно отворен за меѓународна културна соработка со културни орагнизации кои би подготвувале заеднички проекти за работа на прекугранична соработка со цел спроведување на културните и уметничките активности во делот на вмержување, размена на идеи, информации и мобилност.

 

НУУБ  Св. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – БИТОЛА

Со решение на Градскиот народен одбор на ден  25.03.1945 год, во срцето на старото градско јадро во градот на конзулите е основана најстарата библиотека во Република Македонија,  НУУБ Св. „Климент Охридски“ – Битола.

Нејзините почетоци со книжен фонд биле сиромашни и туѓи. Првите 300 книги кои биле затекнати, биле книги на бугарски јазик, а останатиот дел биле подарени книги од  организации, установи и приватни лица.  Административниот персонал се состоел од два службеника и еден прислужник. Банкарските службеници и службениците од фабриката за кожа во библиотеката работеле како благајници или помошни книжари.

Во своето седумдесетгодишно постоење Библиотеката променила повеќе простории и локации во Битола. Била сместувана во просториите на поранешен хотел „Турист“, во зградата на ОУ Св. „Климент Охридски“, денешно ОУ „Гоце Делчев“, во просториите на поранешниот ресторан „Ројал“ на Ул. Маршал Тито бр. 89 (1954-1974). Од 1974 год библиотеката е адаптирана во хируршкото одделение на старата битолска болница, а од 1982 год, библиотеката се проширува во ново изградениот современ обликуван простор кој се наоѓа на Ул. Пеце Матичевски (Ленинова) бр.39.

НУУБ Св. „Климент Охридски“ – Битола, составена е од стар дел изграден на КП бр.7769/1, која зграда е одредена за споменик на култура со Решение бр. 266 од 30.03.1978 година од Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и музеј Битола и влегува во состав на зона „А” од заштитеното градско јадро, како и во состав на амбиенталната целина на улица Пеце Матичевски (Ленинова). За новиот дел од зградата, со спогодба за давање на користење градежно земјиште бр.12-5996 од 18.11.1981 година, Општина Битола на Матичната библиотека и дава на користење земјиште што претставува дел од КП.бр.7769/1 со површина од 2105 м2 КО Битола, за доградување на библиотека. Со добивањето на целата потребна документација за градба на новиот објект и по одобрениот проект од 02.09.1983 година, се изгради новиот дел на Библиотеката кои денес заедно со стариот објект претставуваат неразделна целина.

Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски”- Битола е современа културна институција со книжен фонд од околу 600.000 книги и бројни списанија, со тенденција за перманентно зголемување.

Де­нес библиотеката претставува со­вре­ме­на и мо­дер­на ин­сти­ту­ци­ја ко­ја оп­фа­ќа 3.000 ква­драт­ни ме­три по­вр­ши­на, од ко­ја  по­ло­ви­на е на­ме­не­та за чи­та­те­ли­те. Нејзина позитивна и афирмативна карактеристика е издавачката и библиотечната дејност.  Библиотеката се стреми да стане вистинска виртуелна библиотека, да навлезе во сè повисокиот степен на задоволување на научно-истражувачките и образовните потреби на крајниот корисник, без тој да се грижи од каде и како пристигнала бараната информација, што е возможно само со натамошен развој на современото автоматизирано библиотечно работење.

Составена е од два функционално поврзани објекти кои претставуваат една целина. Новиот простор опфаќа 500 метри квадратни и претставува современ и функционален простор наменет за корисниците на услугите на Библиотеката и читателите.

Програмата на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“ – Битола се темели на реални и остварливи параметри.

 

ЗАВОД ЗА ЗАШТИТА НА СПОМЕНИЦИ НА КУЛТУРАТА И МУЗЕЈ БИТОЛА

Битола е град со огромно културно наследство, речиси од сите сфери на човековото духовно битисување. Во неговиот потесен и поширок простор има мноштво споменици на културата, природни реткости, музејски и галериски експонати со високи уметнички, историски и други вредности, скоро од сите периоди на опстанокот човечки: неолитот, енеолитот, бронзеното време, железното време, антиката, средниот век, деветнаесеттиот век, па до најново време.
Најзначајната институција во градот која се грижи за заштита, чување, презентација и проучување на ова богатство е Заводот за заштита на спомениците на културата, природните реткости, Музеј и Галерија. Овој Завод е формиран од страна на тогашното Собрание на општината – Битола, во 1975 година. Подоцна, кон него се приклучуваат постојните организации: Народниот музеј, Хераклеја, Уметничката галерија и Магазата (мултимедијален простор) со тоа што е проширена неговата дејност и со заштитата и презентацијата на природните реткости од ова подрачје. На таков начин е овозможена негова целосна организациона, просторна и кадровска физиономираност.
Седиштето на Заводот е во импозантната зграда на Старата битолска касарна, изградена во 1848 година за воена гимназија. Потоа, прераснува во Воена академија – харибие, се до 1909 година. Следувала нова промена. Неколку години до Балаканските војни во зградата било сместено Средно воено училиште – идадие. За она време, низ овие школи поминале како питомци или професори повеќе познати личности на Турската империја. Еден од питомците на Академијата бил и Кемал Ататурк.
По сите историски и политички промени, што се случиле по 1913 година, дошол на ред и овој објект. Имено, оттогаш, па се до 1974 година, зградата била користена за воени цели: сместување на војска, магацински простор и слично, односно таа била една од познатите битолски касарни, со површина од над 5.000 м2. Се наоѓа на историското јадро на градот Битола, како еден од централните градски организми, со својство на културно-историски споменик којшто поседува бележити архитектонско-уметнички вредности. Како градба, објектот е единствен во нашата земја по архитектонското решение, кое претставува синтеза на западно-европското и ориенталското градителско мајсторство. Едноставниот и смирен неоренесансен стил најдобро се гледа на фасадниот дел и внатрешната функционална решеност за користење на просторот. Станува збор за едноорганска архитектура во која покрај другото има интересни градителски решенија. Тука е и пациото, кое некогаш служело за воени потреби. Заедно со другиот ентериер, истото, се повеќе се користи за голем број културни содржини.
Целиот тој специфичен печат на неговата индивидуалност и градителски белег на објектот, ја оправдува определбата, токму во него, да биде сместен Заводот, како една од водечките културни институции на Битола.
Денес во Завод и музеј успешно делуваат повеќе организациони единици. Археолошки, Етнолошки и Историски оддел. Натаму, следуваат: Оддел за историја на уметноста; Оддел за природни реткости; Конзерваторско-реставраторска работилница, како и други организациони единици што се во функција на квалитетен и модерен систем на работа. За нивно успешно делување обезбеден е и висок стандард на просторна опременост на корисна површина од околу 2.300 м2. Во надлежност на овој Завод има и други историски објекти и знаменитости: две спомен-куќи, две спомен-соби, како и голем број на заштитени со Закон поединечни, вредни, стари згради, архитектонски ансамбли, градежни, култни места, меморијални комплекси, спомен-обележја и други споменици на културата.
Со основањето на Музејот во 1934 год. формирана е и библиотека во чии рамки досега е собран библиотечен фонд од 11.300 книги и тоа: периодики, списанија, весници, легати, видео и аудио материјали, ретки ракописи и старо печатени верски книги на црковно-словенски, старогрчки, арапски, турски, латински, германски и српски јазик.
Заводот и музеј, покрај основната дејност, во секојдневната работа, организира или помага да се одржуваат, во своите простори, разни културни манифестации: концерти, изложби, театарски и филмски претстави, фестивали и други приредби и слично (Битолско културно лето, “Бит-фест“,  “Интерфест” и др.), со што дава сопствен придонес во богатата културна понуда на Битола.

 

ЗООЛОШКА ГРАДИНА БИТОЛА

На вкупна површина од околу 2 хектари квадратни, во 1951 година на познатото битолско брдо „Тумбе – Кафе“ од страна на група ентузијасти и љубители на животинскиот и растителниот свет беа поставени темелите на втората Зоолошка Градина во Република Македонија. Со својата местоположба, уникатност, специфичност и афтентичност, Зоолошката Градина во Битола претставува импресивно забавно катче за љубителите на животините.

Во текот на своето постоење, Зоолошката Градина ја следи својата мисија да го зачува постоечкиот национален и интернационален животински и растителен биодиверзитет, преку негова презентација, одгледување и конзервација.

Наметнато од потребата за константно прилагодување на средината што се менува, Зоолошката Градина низ годините што поминале, неретко го менувала својот изглед, содржини или услуги што ги нуди. Во тој процес на промени, ЗOO Битола секогаш останала верна и доследна на својата цел, односно преку добробитта на животните кои ги чува и негува, да даде придонес кон зачувувањето на биодиверзитетот, но и да ги задоволи потребите на своите посетители.

Една од најголемите промени во целокупното реаботење на Зоо Битола се случи во текот на 2011 година. Имено, за прв пат во историјата на работењето на оваа институција беше изработена техничка документација за нејзина комплетна реконструкција. Со ова, во суштина беше започнат процес кој целосно ќе го промени ликот на оваа институција. Техничката документација предвидува нови 26 живеалишта и останата комплементарна инфраструктура: едукативен центар, пешачки патеки, видиковец, детски парк, ресторан, сервисна зона.

Техничката документација е во целосна согласност со строгите барања на Европската Унија во делот на чувањето на диви животни во заробеништво (Council Directive 1999/22/EC of 29 March 1999 on the keeping of wild animals in zoos), но и со барањата на Европската Асоцијација на Зоолошки Градини и Аквариуми (ЕАЗА), како најрелевантна институција на европско тло од овој вид.

Покрај техничката документација, за прв пат во историјата на постоењето на Зоо Битола изработена е Едукативна програма за маркетинг и промоција на Градината, која преку двегодишен акциски план треба да го зголеми бројот на посетители на Зоо Битола и да и ја подобри комуникацијата со надворешни сродни институции.

Во текот на 2011 година, Зоо Битола поднесе апликација за членство во ЕАЗА. Благодарение на претходно превземените активности, на последната седница на Советот на ЕАЗА одржана на 26 април 2012 во Минхен, Германија со консензус беше донесена одлука на Зоо Битола да и се додели статус “Зоолошка Градина – кандидат за член во фаза на реконструкција”.

Битолската Зоолошката Градина е сместена е во прекрасна природа на падините на Тумбе Кафе и заради карактеристиките на својот терен, Градината има оригинален и нетипичен “ридско – планински” изглед.

Со  вкупна површина од околу 2 хектари квадратни, бројка што според модерните светски стандарди ја сместува во категоријата на мали зоолошки градини.

Зоо Битола има матично стадо составено од повеќе од 30 различни видови на животни, со повеќе од 400 нивни претставници.

Традиционало од 2011 год, во Зоолошката градина се одржува културна-забавна манифестација „Дедо Мраз во Зоолошка градина“ каде најмладите имаат прилка да учествуваат во богатите наградни игри и да се фотографираат со Дедо Мраз.

Во Зоолошката Градина работат вкупно 14 вработени кои се задолжени за секојдневна грижа, одгледување, нега односно севкупно подобрување на “престојот” на животните-резиденти.

Зоолошката Градина работи под надлежност на Советот на Општина Битола.