„МАТЕМАТИКА ЗА МАЛИ“ ВО БИТОЛСКАТА БИБЛИОТЕКА

„МАТЕМАТИКА ЗА МАЛИ“ ВО БИТОЛСКАТА БИБЛИОТЕКА

Малку поинаков пристап кон  математиката, преку игра и логичко истражување, ќе им биде претставен на децата од 4-8 годишна возраст во Општина Битола, со игрите кои се дел од изложбата „Математика за мали“.

Оваа иновативна изложба од денес е отворена во НУУБ „Св. Климент Охридски“ од Битола, а на отворањето, покрај раководството на библиотеката присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски. Директорот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ Бојан Стефановски ја поздрави ваквата иновативна музејска патувачка поставка, која нуди нова димензија на осознавањето на математиката, додека пак, претседателот на Советот Валентин Груевски им порача на децата да ја сакаат математиката.

На изложбата која е сместена во две простории во НУУБ „Св. Климент Охридски“, преку 15 различни игровни станици од музејот „Математикум“ од Гисен, Германија, децата можат да истражуваат и учат, со непосредни контакти со предметите, преку кои изнаоѓаат логички решенија за математичките предизвици. Оваа изложба ќе им овозможи учество на учениците од сите основни учлишта и градинки во Општина Битола, а исто така, со цел да биде опфатена поголема популација, во двете наредни саботи ќе има отворен ден, на кој ќе можат сите деца со своите родители да дојдат и да го искусат новото математичко искуство.

Изложбата е поддржана од Еразмус програмата, а нејзиното поставување во битолската библиотека е реализирано преку Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ од Битола, заедно со Центарот за доживотно учење од Скопје.