„НИСКОГРАДБА“ ГИ САНИРАШЕ СКАЛИТЕ ВО НОВИОТ ПАЗАР

„НИСКОГРАДБА“ ГИ САНИРАШЕ СКАЛИТЕ ВО НОВИОТ ПАЗАР

КЈП „Нискоградба“ заврши со санација на скалите во Реонскиот пазар во Нова Битола од двете страни, односно на влезовите од улицата „Васко Карангелевски“, како и од страната на паркингот во пазарот. Оштетувањето беше особено зголемено по лошите временски услови во зимата, кога поради екстремно ниските температури дојде до нивно дополнително кршење.

„Со одлуката донесена во Советот на Општина Битола, на 16-тата седница на 19 јули 2018 година, надлежностите за одржување на Реонскиот пазар во Нова Битола беа поделени на битолските јавни претпријатија. КЈП „Нискоградба“, со ваквата одлука е задолжено да  ја одржува канализационата мрежа, пасажите и скалите. Според одлуката, пристапивме кон реновирање и санирање на пристапите и скалите од двете страни на пазарот“, посочи Методи Силјановски, директор на КЈП „Нискоградба“.

Силјановски истакна дека голем број екипи на ова јавно претпријатие работат на различни локации. Започна реконструкцијата на дел од канализационата мрежа на мешовитата канализација на ул. „Кленовец“, каде што потоа ќе работи и ЈП „Водовод“. На барање на локалното население, деновиве се чистат одводните канали во селото Острец, по должината на локалниот пат, со што се овозможува канален проток на истечните води.