НОВА БАЖДАРНИЦА И ВОЗЕН ПАРК ВО ЈКП „ВОДОВОД“ БИТОЛА

НОВА БАЖДАРНИЦА И ВОЗЕН ПАРК ВО ЈКП „ВОДОВОД“ БИТОЛА

Новата баждарница, збогатениот возен парк, како и тековните проекти на работа на ЈКП „Водовод“, беа дел од посочените активности на денешната работна посета и средба на градоначалничката Наташа Петровска со раководството на ова јавно битолско претпријатие.

„Има што да се види, затоа што во изминатиот период направивме многу работи. На градоначалничката на лице место и ја покажавме новата набавена баждарница, како дел од возниот парк за потребите на ЈКП „Водовод“. Тоа е новото комбе за транспорт на работниците, новиот мини-багер за одржување на приградската водоводна мрежа, набавивме и филтерска песок, отворивме нов наплатен центар во управната зграда. Ги движиме работите, а со градоначлничката ги разгледавме и плановите за наредната година, кои улици и кои проекти ќе ги реализираме“, рече директорот на ЈКП „Водовод“, Горан Козаров.

Тој истакна дека по големите студови кои го зафатија градот, веќе се нормализира состојбата со потрошувачката на вода, како и со настанатите дефекти, чиј број за време на ниските температури беше околу 40-тина. Годинава е предвидена реконструкција на водоводната мрежа во должина од околу 5 километри, а планирана е и замена на азбестните цевки во градот, чија вкупна должина е 11 километри. Во координација со Општина Битола, се работи со предвидената динамика.

„Упатувам честитки до раководството на ЈКП „Водовод“, затоа што покрај секојдневните активности за кои што се обврзани како јавно претпријатие, собрале сили и во изминатиот период дел од средствата насочиле во набавка на апаратура и машинерија која што е важна за работата на претпријатието. Сето ова покажува дека постојат повеќе начини како да го покажете домаќинското работење и да создадете можности за идни заштеди, кои што како средства би биле наменети кон подобрување на услугите кон граѓаните“, истакна градоначалничката Наташа Петровска.

По увидот во стопанскиот двор на ЈКП „Водовод“, градоначалничката Петровска ја посети и управната зграда на ова јавно претпријатие, каде е направен нов наплатен центар за граѓаните на Општина Битола. Покрај тековните одржувања, новите инвестиции во ЈКП „Водовод“ во однос на баждарницата, возилата и останатите проекти, се во висина од 22 милиони денари, сопствени средства на ова јавно претпријатие.