НОВОГОДИШНИ ПОДАРОЦИ ЗА ДЕЦАТА ОД ПОВЕЌЕ ИНСТИТУЦИИ

НОВОГОДИШНИ ПОДАРОЦИ ЗА ДЕЦАТА ОД ПОВЕЌЕ ИНСТИТУЦИИ

Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, по повод новогодишните и Божиќните празници посети повеќе институции и им однесе подароци на децата. Особена радост кај дечињата донесе присуството на Дедо Мраз, кој заедно со градоначалничката ги посетија специјалната паралелка во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор и други проблеми во развојот  „Кочо Рацин“, ЈЗУ-Завод за рехабилитација на слух,говор и глас, Дневниот центар за деца со посебни потреби, групните домови каде што се сместени децата без родители и во просториите на Здружението „Сумнал“. На радувањето и гушкањето со Дедо Мраз му немаше крај, а речиси секое од децата ја покажа својата креативност преку изведба на песнички и танци.

„Се наоѓаме во Заводот „Кочо Рацин“ по повод Новогодишните празници. Ова е место кое што едноставно блика од љубов и секогаш било така и каде што многумина можа да научат практично како треба да се живее со љубовта. Во оваа прилика им посакувам добро здравје, година во која што ќе бидат среќни, радосни, а сите ние заедно ќе направиме многу повеќе за нив“, рече Петровска, во едно од обраќањата во институциите.

По повод претстојните празници, Општина Битола обезбеди подароци и за дечињата од Здружението за глуви и наглуви, Здружението на слепи лица, Здружението „Емануил плус“ за лица со посебни потреби и за деца со церебрална парализа, Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа, невладината „Ромско јато“, Здружението на жени „Искра“, ЦПЛИП „порака“ и ОО на Црвен крст Битола.