ОБЈАВЕНА ПРВАТА ТЕНДЕРСКА ПОСТАПКА ЗА ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО БИТОЛА

ОБЈАВЕНА ПРВАТА ТЕНДЕРСКА ПОСТАПКА ЗА ИЗГРАДБА НА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА ВО БИТОЛА

Проектот „Изградба на пречистителна станица со колекторски систем за агломерација Битола“, продолжува да се реализира со спроведување на конкретни постапки, кои се предуслов за почеток на изградбата на терен. На електронскиот систем за јавни набавки во делот огласи од меѓународни институции, објавен е огласот за склучување на договор за услуги за избор на „Надзорен орган на договор за градежни работи за изградба на ПСОВ и рехабилитација и надградба на канализациона мрежа во општина Битола“. Вредноста на договорот е со максимален предвиден буџет до 1 300 000 евра. Објавата на постапката беше најавена на 13.12.2018 година, а огласот е објавен на 19.02.2019 година. После објавата на оваа тендерска постапка, наскоро следува тендерска постапка за изградба на пречистителна станица, која ќе биде поделена во два лотови, односно првиот лот ќе биде за проектирање и изградба на пречистителна станица за отпадни води за агломерација Битола, а вториот лот ќе биде изградба и реконструкција на колекторски систем.

Вкупната проектирана вредност за проектот изнесува 28,7 милиони евра, а истиот е финансиран од ИПА 2 оперативната програма за заштита на животната средина и климатски промени 2014 – 2020.

Според проектираната динамика, изградбата се планира да биде завршена за две години, по што ќе следува едногодишен период на пробно ставање во функција со цел отстранување на евентуални дефекти или други проблеми, по што објектот ќе биде предаден на Општина Битола.

За да може да отпочне конкретната реализација на тендерските постапки и да се пристапи кон изградба на пречистителната станица, Општина Битола од сопствениот буџет обезбеди средства за експропријација на земјиштето.

Пречистителната станица, која означува крупен чекор кон заштита на животната средина и комплетна промена во односот кон отпадните води, во првата фаза ќе ги третира отпадните води од Битола и селата Горно Оризари, Долно Оризари и Кравари, додека во втората фаза предвидено е опфаќање и на селата Карамани, Буково, Лавци и Брусник.

Реализацијата на овој проект, кој најпосле премина во фаза на конкретни активности, ќе овозможи петтиот канал да биде 95 % чист, прочистување на реката Драгор, а со тоа се пристапува и кон решавање на дел од големите проблеми чии загрижувачки податоци се дел од Локалниот еколошки акционен план, донесен од Советот на Општина Битола.