ОПШТИНА БИТОЛА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ПРЕТХОДНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК

ОПШТИНА БИТОЛА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ПРЕТХОДНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК

На денешната прес конференција Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, информираше за состојбите кои го засегаат Планинарскиот дом Копанки, а со тоа и Општина Битола.

„Имено, како градоначалник донесов решение со кое ја поништив легализацијата која што претходно беше донесена, а се однесуваше за Планинарскиот дом „Копанки“. После тоа, засегнатата страна, во случајот Планинарскиот спортски клуб Пелистер, поднесе жалба до Министерството за транспорт и врски. Министерството се произнесе, донесе решение со кое што утврди дека, жалбата која што ја има дадено Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ е неоснована. Сакам да кажам дека во оваа прилика, Општина Битола поднесе кривична пријава против претходниот градоначалник и други лица. Оставам судските инстанци да имаат што побрза разрешница на овој предмет затоа што станува збор за објект кој што е исклучително важен за Општина Битола, во таа смисла, исклучително важен за граѓаните на Општина Битола. Тоа е објект за кој што општината е спремна да изврши целосна реконструкција, како би можеле, сите заедно, навистина повторно да пиеме чај на Копанки“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

Кривичната пријава е поднесена за злоупотреба на функцијата при донесувањето на акт којшто правно не е издржан, а се однесува на легализацијата на Планинарскиот дом Копанки. Градоначалничката Петровска, од судските инстанци побара и побрза разрешница и на сите други судски спорови, кои што одамна се започнати во Општина Битола:

„Излегувањето на правдата, на вистината на виделина, е во интерес на сите граѓани, во интерес на општината, во интерес на државата“, рече Петровска на денешната прес конференција.