ОТВОРЕНО ЛИЗГАЛИШТЕТО ВО БИТОЛА

ОТВОРЕНО ЛИЗГАЛИШТЕТО ВО БИТОЛА

На површина од 550 метри квадратни, на паркинг просторот кај Спортската сала „Боро Чурлевски“, Битола доби нов спортско – рекреативен простор, на кој битолчани ќе можат бесплатно да се лизгаат оваа зима. Денес, на првиот работен ден на лизгалиштето, интересот на битолчани, беше многу голем, а особено се радуваа најмладите, кои во голем број го чекаа својот ред. Работното време на лизгалиштето е од 10.00 до 22.00 часот, а за редот се грижат задолжени лица кои ја даваат и собираат опремата. Издавањето на опремата за лизгање се врши со документ за идентификација.

„Лизгањето ќе се врши во групи од 30 – 50 лизгачи во точно определен интервал од половина час со пауза од 15 минути помеѓу интервалите, со цел истото да може да се уреди за следното лизгање. Имајќи предвид, дека лизгањето е бесплатно, ги замолуваме граѓаните да ги почитуваат препораките на лицата одговорни за лизгањето, посебно на лицата кои издаваат лизгалки, како и да го почитуваат времето на лизгање. За време на лизгањето, задолжително е носење на зимски алишта, особено ракавици. Секоја злоупотреба на лизгалките или нивна кражба ќе биде санкционирана“, изјави директорот на ЈППЈЛП, Зоран Дојчиновски.

Граѓаните потребно е да ги почитуваат препораките на одговорните лица, како и да бидат трпеливи кога лизгалиштето ќе биде затворено за време на временски неприлики или при евентуални негови поголеми оштетувања.

Лизгалиштето е донација од Агенцијата за млади и спорт, а подготвителните активности до неговото ставање во функција, ги заврши Општина Битола во соработка со јавните претпријатија. На сите заедно, одговорните лица и граѓаните ни останува најголемата обврска: совесно да се однесуваме кон лизгалиштето, со цел зимава, секојдневно да се радуваме на среќните лица кои како денес, ќе го исполнуваат овој простор.