ПОВЕЌЕ СРЕДСТВА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ЗА ПЕЛАГОНИСКИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

ПОВЕЌЕ СРЕДСТВА ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА ЗА ПЕЛАГОНИСКИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

На 15-тата седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион, покрај редовните точки на дневен ред, се потпиша Договорот помеѓу Министерството за локална самоуправа и единиците на локалната самоуправа во Пелагонискиот плански регион.

„Она што е специфично и што би сакала да го нагласам е тоа што имаме повеќекратно зголемување на сума на поддршка од страна на централната власт кон единиците на локалната самоуправа. Она што во 2017 година било сума од 3,5 милиони евра, оваа година е 7 милиони евра, што покажува дека навистина оваа власт, оваа влада е спремна финансиски да им дава поддршка на општините во функција на нивниот развој. Дискутиравме и за статусот на проектите кои што ги имаме во 2019 година, меѓутоа и перспективно како може да гледаме за подобрување на активностите кои што ги имаме во единиците на локалната самоуправа и министерството, за да во следниот период практично имаме уште поголема успешност во аплицирање на проекти и реализација на истите“ рече претседателката на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион и градоначалник на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

На седницата се разговараше и за активностите на Министерството за локална самоуправа, за финансиската поддршка кое е дадена од нивна страна за искористувањето на ИПА фондовите за прекугранична соработка.

„Оваа година министерството одвои 48 милиони денари за реализирање на 15 проекти од Пелагонискиот плански регион. Денес ги потпишавме договорите за соработка и дел се средстсва како поддршка од министерството за оперативните трошоци, а дел ја финансираме нивната работа за изработка на проекти кои ќе ги алицираат следната година за финансиска поддршка од државата. И самите општини се обврзани да го финансираат Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, а денес градоначалниците ги потпишуваат договорите за финансирање. Јас како министер кој што доаѓа од Битола и со градоначалничката и со другите градоначалници ќе лобираме за повеќе средства во регионот, особено за некој дополнителен проект во Битола“, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион Гого Видимче изрази задоволство од поддршката која ја добива Центарот од страна на градначалничката Петровска и министерот Милевски.

„Се трудиме да добиеме повеќе проекти за овој регион, да го подобриме животот на сите граѓани на овој регион, а тоа е напредок. Министерството за локална самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој изминативе две години ги зголеми средствата за 20-30%, а имаме најава дека ваквата тенденција ќе продолжи и во наредните години. Во тек се 8 проекти кои што моментално ги работиме на терен преку Бирото, а три проекти се од меѓуграничната соработка со Грција. Имаме проекти и преку Министерството за земјоделие, како и соработка со Швајцарската агенција за соработка и развој“, посочи Видимче.

Во Советот за развој на Пелагонискиот плански регион учествуваат градоначалниците на 9-те општини од регионот, односно Битола, Прилеп, Ресен, Крушево, Демир Хисар, Новаци, Могила, Кривогаштани и Долнени.