ПОГОЛЕМА ДОСТАПНОСТ ЗА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

ПОГОЛЕМА ДОСТАПНОСТ ЗА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

НУ Завод и музеј Битола, продолжува со работа на достапноста на своето движно културно наследство до лицата со попреченост. Во Магазата се поставени 16 предмети од одделот за современа уметност, односно 14 уметнички слики и 2 скулптури, кои ќе бидат достапни за слепи и слабовиди, како и за посетителите со оштетен слух и говор. Градоначалничката Наташа Петровска присуствуваше на отворањето на оваа изложба и истакна дека Општина Битола ќе продолжи да ги поддржува лицата со попреченост.

„Разговараме дека следејќи го овој пример на музејот, општината ќе постави пред самите простории кои се наоѓаат во општинската зграда натписи со Браево писмо, Ова е добар предизвик за сите останати институции, затоа што сите сме исти, сите сме едно и се е прашање на перцепција кој  во што има потешкотии. Уште еднаш ги охрабрувам сите чекори кои што се направени и очекувајте максимална поддршка од Општина Битола“, рече градоначалничката Петровска.

Предметите се достапни преку тактилни слики, кои имаат текстови со описи на Брајово писмо, аудио нарација и видеа на знаковен јазик.

„Пристапот до видеата и аудиата е обезбеден преку пристап со мобилен телефон со скенирање на кодовите или со директен пристап на веб страната. Текстовите се преведени на англиски јазик. Со ваквите проекти, постојаната поставка на Н.У. Завод и музеј Битола е достапна за сите без оглед на попреченоста. Проектите се изработуваат во соработка со лицата со попреченост и стручни консултации“, рече раководителот на проектите д-р Ирена Ружин.

Во проектот, кој е поддржан од Министерството за култура, работат и м-р Јове Парговски- координатор и ИТ, Татјана Мијатович-изработка на тактилните слики, Владо Ѓорески- текстови, Тесалија Жирова- текстови на Брајово писмо, Милена Милошевич Мицич-консултант, Катерина Шарковска- знаковен јазик, Гимел студио, Силвана Петрова Насух – наратор и превод на англиски јазик и техничка подготовка на слики- Кочов студио.