ПОЛИЦИЈАТА И ГРАЃАНИТЕ ЗАЕДНО

ПОЛИЦИЈАТА И ГРАЃАНИТЕ ЗАЕДНО

Учениците во ОУ„Елпида Караманди“ Битола деновиве се едуцираа за заштита во сообраќајот, меѓуврсничко насилство и безбедност при користење на интернет, како дел од проектот „Полицијата и граѓаните заедно“, реализиран во соработка со МВР-СВР Битола, Општински совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (ОСБСП), Општина Битола и УСЕ – училишна сообраќајна единица од основните училишта.

Во рамките на проектот се одржаа едукативни предавања на следните теми: „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ од страна на самостојниот инспектор за сообраќај Александра Анџиева, „Безбедно на интернет“  од страна на самостојниот инспектор во крим полиција Ките Трајковски и „Насилство – врсничко насилство“, предавање кое го одржа самостојниот инспектор за јавен ред и мир Зоран Стеваноски.

Основните цели кои произлегуваат од овој проект се во насока на зголемување на свеста кај децата кај секојдневните опасности на кои тие се изложени меѓу кои и:

  • Правилно и безбедно однесување во сообраќајот – развивање на сообраќајна култура (препознавање и почитување на сообраќајните знаци и правилата за безбедно преминување на крстосница; осознавање и почитување на правилата за безбедно однесување при возење во автомобил, автобус; осознавање и почитување на правилата при возење на велосипед, како и безбедно движење во услови на намалена видливост);
  • Правилно користење на интернетот, препознавање и заштита од негативните влијанија присутни и достапни до учениците преку социјалните мрежи во форма на видео игри кои ги наведуваат децата на лоши дејствија кои го загрозуваат нивното здравје, односно нивната безбедност;
  • Да умеат да го препознаат насилното однесување меѓу врсниците, да развиваат ставови и култура на коректно и пријателско однесување кон своите другарчиња, како и да знаат како и каде да реагираат во ситуација на присутност на овој тип негативна појава.

Предавањата беа проследени со активно учество на учениците во форма на поставување на прашања, споделување на сопствени искуства и насочени дискусии по однос на содржините кои произлегуваа од темите на овој проект.