ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА ЗА ПРЕВЕНТИВНИТЕ МЕРКИ НА ОПШТИНА БИТОЛА

ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА ЗА ПРЕВЕНТИВНИТЕ МЕРКИ НА ОПШТИНА БИТОЛА

„Општина Битола континуирано ја следи актуелната состојба со COVID 19 и препораките на Владата на Република Северна Македонија и постојано е во координација со сите институции, здравствени установи и јавни претпријатија, почитувајќи ги сите протоколи за соодветно постапување.

Заедно со директорката на Клиничка болница Битола Билјана Гагачова, директорката на Центарот за јавно здравје Елизабета Крстева и директорката на Домот за народно здравје Весна Спирковска, како и претседателката на општинската оргазација на Црвениот крст од Битола Лилјана Ристевска, донесовме неколку конкретни заклучоци:

– Согласно препораките за пандемија, која е прогласена од Светската здравствена организација, во вакви ситуации мора да се реагира професионално, според утврдена хиерархија, со строги протоколи и алгоритми, во кои точно и прецизно секој си ја знае сопствената работа и сноси сопствена одговорност. Само на ваков начин, може да се избегне паника, непрофесионалност, шпекулации, па дури и дилетанство со кое се соочуваме во реалноста, особено на социјалните мрежи.

– Официјален партнер на Општина Битола при спроведувањето на потребните активности во поддршка на населението е Црвениот крст од Битола. Сите правни или физички лица, кои што сакаат да помогнат на некој начин, тоа да не го прават самостојно, туку да се пријават во општинската организација на Црвениот крст. Доколку има потреба, од лицата во Црвениот крст ќе им бидат дадени соодветни насоки за натамошно делување. Ангажираните лица ќе бидат евиндентирани и со себе ќе носат легитимации издадени од Црвениот крст.

– Секој работен ден од 8-16 часот ќе има отворена телефонска линија на бројот 070 791 770 која ќе служи за давање помош на лица во храна и лекови од следните категории:

-стари и изнемоштени лица

-лица со пречки во развојот

-неподвижни лица

Во одржаните средби со раководните лица на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, информирана сум за сите добиени насоки и препораки од нивните централи во Скопје, на кој начин треба да делуваат тимовите при евентуални кризни состојби, за што е утврдено дека постсои подготвеност.

Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување располага со свои тимови, кои имаат комплетна заштитна опрема. Општината, преку јавните претпријатија, ги спроведува препораките од Владата на Република Северна Македонија. ЈП Комуналец е подготвено за дезинфекција, мерка која исто така е координирана со институциите од Централниот кризен штаб.

Изминатата недела, општината презеде низа мерки со кои превентивно делуваше:

-Скратување на работното време на автобусите до 17 часот, со цел да може да се извршуваат секојдневни чистења и дезинфекции.

-општината ги извести сите авто-такси компании, нивните возачи да возат со заштитни маски и ракавици и секој ден да ги дезинфицираат возилата, за што општинската инспекција врши постојан увид на терен

-Општина Битола ги почитува сите дадени препораки да не доаѓаат на работа лицата со хронично заболување, како и бремените жени.

-Официјално е доставено барање до Центарот за јавно здраавје да се изврши дезинфекција на градинките, основните и средните училишта на територијата на Општина Битола.

-Граѓаните кои доаѓаат во општинската зграда, сите потребни документи или барања ги доставуваат само на шалтерите во општината, за што им се заблагодарувам за смиреното прифаќање на таа мерка. За сите други проблеми и прашања, кои што се во надлежност на локалната самоуправа, граѓаните можат да ја користат платформата Пријави проблем, која што се наоѓа на веб страницата на Општина Битола.

-Општина Битола, во својот објект, како и во сите објекти под нејзина надлежност (јавни претпријатија и училишта), достави дополнителни средства за хигиена, а достави барање да се вршат зголемени мерки за дезинфекција со дополнителни хигиенски средства.

– до сите директори на основните и средните училишта, упатив апел преку класните раководители, дополнително да се изврши едукативен и превентивен допис во нивните групи до сите ученици, да избегнуваат групни собирања во кафулиња или други места.

-Општина Битола во соработка со наставниците, започна со задавање на интернет содржини за учениците. Побарав оваа интернет платформа, постојано да се надополнува со нови наставни содржини, со цел учениците да можат дома да работат на совладување на наставниот материјал. Содржините се поставени на нашата веб страница,

Уште еднаш како градоначалник, ги повикувам сите физички и правни лица, својата поддршка да ја доставуваат до соодветните институции, да се почитуваат хиерархиски спроведувањата на мерките, како не би ни се случила ни најмала грешка,  која наместо помош, би имала непосакуван контраефект.

Ова не е прашање на политика, ова е прашање на реалност, за која е потребна сериозност.

На граѓаните им препорачувам да ги применуваат мерките за седење дома и самоизолација, посебно на младите. Простор за паника во моментов нема. Само сите заедно и одговорно, можеме да излеземе како победници од оваа состојба“, рече Петровска.