ПРУГАТА КОН КРЕМЕНИЦА ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНА ВО ПРЕДВИДЕНИТЕ РОКОВИ

ПРУГАТА КОН КРЕМЕНИЦА ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНА ВО ПРЕДВИДЕНИТЕ РОКОВИ

Градежните работи околу пругата кон соседна Грција и граничниот премин Меџитлија се приведуваат кон крај, а комплетно е завршен делот на поставувањето на шините. До Нова година се очекува да завршат и преостанатите пропратни делови како сигнализацијата, паркингот, електричната енергија, железничката станица кај ИЗ „Жабени“ и други дополнителни компоненти. Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска ги посочи трите најбитни елементи од функционирањето на оваа железничка пруга.

„Конечно, по повеќе од 30 години добиваме сериозен реконструктивен зафат на железничкиот сообраќај во нашиот регион. Крак кој е значаен од Велес, Прилеп, Битола, па се до Солун. Значаен е за витализација и давање на дополнителен импулс за стопанството во Битола и целиот југозападен регион. Значајно е што имаме и крак кој влегува во индустриската зона Жабени, што претставува сериозна помош за стопанствениците, но и можност за привлекување на нови инвеститори во зоната. Исто така битолчани ќе можат и со железнички сообраќај да патуваат до Солун, при што ќе имаат и голема економска придобивка, а треба да се земе во предвид и еколошкиот момент, затоа што железничкиот сообраќај е најмал загадувач во масовниот транспорт“, рече Петровска.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при денешниот увид на состојбата со изградбата на железничката траса од Битола кон Меџитлија, истакна дека пругата ќе биде пуштена во употреба до Нова година, а паралелно и од грчка страна се преземаат сите зафати за да може оваа делница да стане функционална. И тој пред се ја посочи придобивката од економски аспект.

„Ако порано сакавте да извезете стока од Битола каде било преку Солунското пристаниште мораше да одите до Неготино, па до Гевгелија. Сега ќе  поевтини транспортот на битолскиоте производи и ќе ги направи конкурентни на пазарот. Во однос на самата изградба на железницата, ова беше проект со многу технички проблеми и проблеми во изведба. Имаше претходно изведувач кој не ги завршуваше работите. Вложивме голем напор за да се надминат проблемите како од технички, така и од финансиски аспект. Железничката пруга со сите свои сегменти ќе биде завршена до крајот на оваа година“, посочи Анѓушев.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески потенцираше дека повторно имаме железничко поврзување на Пелагонискиот регион со соседна Грција, а по воспоставувањето на редовниот возен ред, ќе се види дали се неопходни други дополнителни локомотиви и вагони.

„Најбитно за нас во моментов е да овозможиме оваа пруга да биде функционална. Во делот на возобновување на возовите, се разговараше во Владата, а со вицепремиерот и со директорите на Транспорт и железници сме разговарале за поправките во делот на локомотивите за дел од тие локомотиви да бидат во употреба. Се она што треба дополнително да се набави ќе биде од наша страна направено“, истакна Сугарески.

Пругата од Битола за Грција се прави со средства од ЕУ и од буџетот на РМ.