СОВЕСНИ ГРАЃАНИ – БЕЗБЕДНИ ГРАЃАНИ, АПЕЛИРА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ

СОВЕСНИ ГРАЃАНИ – БЕЗБЕДНИ ГРАЃАНИ, АПЕЛИРА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ

Стабилна состојба, без зголемување на бројот на новозаболени од КОВИД -19, но со значително опуштање во однос на дисциплинираноста и почитувањето на мерките за превенција од коронавирусот. Ваква состојба, констатира општинскиот кризен штаб во Битола, на денешниот состанок кој се одржа на иницијатива на градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

„Евидентно е олабавувањето на луѓето во однос на мерките за заштита, поради што СВР Битола и општинските комунални инспектори, како и другите надлежни инспектори, на терен потребно е да ги интензивираат контролите и нивното постапување и контролирање на задолжителното носење на лична заштита на лицето од страна на граѓаните, со цел доследно почитување на одредбите од Уредбата со законска сила за носење на лична заштита на лицето заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од Коронавирусот COVID – 19 и заштита на населението за време на вонредна состојба. Директорите и раководните лица на сите институции, потребно е соодветно, согласно закон да постапат, доколку и во нивните институции, некои од вработените не ги почитуваат препораките за превенција од КОВИД – 19, пред се доколку не носат заштитни маски“, заклучи Градоначалничката Петровска на денешниот состанок со кризниот штаб.

Здравствените работници апелираат до граѓаните на совесно однесување, а превентивните мерки, како: носење на заштитна маска, социјална дистанца и редовна хигиена и дезинфекција, да се сфатат сериозно, на што укажува и Центарот за јавно здравје.

Здравствените установи и јавните претпријатија, продолжуваат со спроведување на редовна дезинфекција и реализација на тековните проекти и активности.

По препорака на градоначалничката Петровска, ЈП Пазари, на влезовите во пазарот ќе постави соодветни предупредувања, со цел влегувањето во пазарот да биде исклучиво со заштитна маска. Непочитувањето на ваквите предупредувања ќе биде соодветно санкционирано. Општинската организација на Црвен крст – Битола продолжува со доставата на помош, до социјално загрозените семејства, жртвите на насилство и други ранливи категории.

Центарот за јавно здравје, три седмици порано од вообичаено, на почетокот на идната недела ќе започне со првата фаза на адултицидната дезинсекција, а благодарение на поддршката од Општина Битола и приватниот сектор, за околу две недели се очекува да биде ставена во функција микробиолошката лабораторија за молекуларна дијагностика на COVID 19 во насока на ефикасно, ефективно и навремено детектирање на пациентите со коронавирус.