УЧЕНИЦИ И НАСТАВНИЦИ ВО БИТОЛА ЌЕ РАБОТАТ НА КРЕИРАЊЕ НА ЕКО ГРАДИНИ ВО УЧИЛИШТАТА

УЧЕНИЦИ И НАСТАВНИЦИ ВО БИТОЛА ЌЕ РАБОТАТ НА КРЕИРАЊЕ НА ЕКО ГРАДИНИ ВО УЧИЛИШТАТА

Во рамките на проектот  „Зелени училишта за одржлива иднина” од Еразмус плус програмата,  деца и наставници од Италија, Португалија, Романија, Полска и Грција, деновиве се гости на ОУ „Стив Наумов“ од Битола. На почетокот од петдневните предвидени активности, тие ја посетија Општина Битола. Во улога на домаќин, градоначалничката Наташа Петровска им посака топло добредојде во Битола, запознавајќи ги со основните карактеристики на градот, неговите убавини, географската положба, историја, образование, здравство, култура и традиција.

Проектот „Зелени училишта за одржлива иднина” наменет за основните училишта, се реализира од 2017 година, на неколку теми. На досегашните одржани мобилности, во Грција, учениците и наставниците работеа на тема вода, за воздухот се работеше во Полска, а како да се штеди енергија во Романија. Во Македонија, поточно во Битола, учениците и наставниците гости, заедно со своите домаќини од ОУ „Стив Наумов“, ќе работат на креирање на еко градини во училиште.

Целта на проектот е да се воспостави трајна врска помеѓу децата и природата, а исто така да се работи на  развојот на висока еколошка свест кај учениците од најмала возраст, која понатаму ќе ја применуваат во секоја област од нивното живеење.