ШТАБОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ НА КООРДИНАТИВЕН СОСТАНОК

ШТАБОТ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ НА КООРДИНАТИВЕН СОСТАНОК

Во текот на вчерашниот ден Штабот за заштита и спасување на Општина Битола, предводен од командантот на штабот и градоначалник на Општина Битола м-р Наташа Петровска, одржа состанок на кој превентивно се координираа активностите за актуелните врнежи од дожд.

На состанокот присуствуваа претставници на битолските јавни претпријатија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП Стрежево, РЕК Битола, Битолско Поле и ТППЕ-Битола.

На работната средба, согласно надлежностите, беше направена анализа на актуелната состојба на терен, со цел да се преиспитаат и контролираат потенцијалните опасности за да не дојде до застој на водотеците, особено по коловозите. За таа цел, зајакнати се активностите на терен на КЈП „Нискоградба“. Беа дадени и препораки, според најавите на метеоролозите, кои предвидуваат нестабилно време наместа со обилни врнежи од дожд, со над 50 литри на метар квадратен.

Очекувано е овие дождови да предизвикаат постепено зголемување на водостоите на реките и езерата, но не се очекува да не предизвикаат поголеми проблеми. Во случај на порои, можно е на помали сливни површини да има локални излевања.

Препораките на Управата за хидометеоролошки работи се внимателно движење покрај водотеците и суводолиците во западните, југозападните и северозападните делови од земјава.