ЈАВНА РАСПРАВА ЗА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ДЕИНСТИТУЦИОНАЛИЗАЦИЈА

ЈАВНА РАСПРАВА ЗА СТРАТЕГИЈАТА ЗА ДЕИНСТИТУЦИОНАЛИЗАЦИЈА

Во организација на Општина Битола и МТСП, во Салата на Советот на Општина Битола, денес се одржа јавна расправа за стартегијата за деинституционализација на институциите 2018-2027.

Националната стратегија за деинституционализација за Република Македонија за 2018–2027 (со Акциски план) ги претставува визијата, краткорочните и долгорочните цели, стратешкиот пристап на Владата и дејствата што треба да се преземат и подобрат при спроведувањето на деинституционализацијата. Таа врши надградување на веќе извршената работа и постигнатите остварувања во процесот на преминување од институционална грижа кон поддршка за грижа во семејството и заедницата и поддршка од социјалните служби. Оваа Стратегија има за цел постепен развој и финализирање на процесот на деинституционализација според воспоставените приоритети.

Првиот нацрт од Стратегјата беше подготвен во јануари 2018 година, кога беше и презентиран на клучните чинители, вклучувајќи ги националните власти, резиденцијалните институции, давателите на социјални услуги, развојните партнери, професионалците и претставниците на образовните институции. Нивните забелешки и препораки беа основа за ревидирање и подобрување на првичниот нацрт и изработка на оваа верзија на Стратегијата, со којашто се започнува официјалната јавна дебата во мај 2018 година.

Приоритети на стратегијата се: трансформација на постојните социјални институции, преселба на корисниците во заедницата, развој на социјални услуги и служби во заедницата, спречување на институционализацијата.

Во овој контекст започнати се следните подготовки: започнат е процесот на подготовка на трансформациски планови за специјалните заводи во Демир Капија и во Бања Банско, со поддршка од странски експерти и учество на вработените, во соработка со УНДП, започнат процес на трансформација на Јавната установа за згрижување деца со воспитно-образовни проблеми „25 Мај“ во Скопје, во насока на подготовка на вработените и интерните процедури и правила за обезбедување грижа за децата во неинституционална средина (во заедницата), објавен оглас за странски експерти за партиципативна изработка на трансформациски планови на останатите социјални установи што ќе бидат опфатени во фаза 1, во соработка со УНИЦЕФ, подготвена кампања за поттикнување на згрижувањето во згрижувачки семејства, која ќе се спроведе во соработка со УНИЦЕФ во текот на наредниот месец, подготовки на корисниците во Специјалниот завод Демир Капија за живеење со поддршка во заедницата, утврдени приоритетите за техничката поддршка и финансиската помош од Европската Унија во текот на 2018 и 2019 година.