49-ТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

49-ТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

Со традиционалното Комитско оро, на Ракометното игралиште во Битола започна 49-тото издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови”, на кое,му претходеше дефилето на учесниците од земјава и светот по Широк Сокак.

На свеченото отворање, пред присутните се обрати директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илиевски, а градоначалничката Наташа Петровска им посака топло добредојде на годинешните учесници на фестивалот.

„Фестивалот ги отвори прегратките за лјадници насмевки, звуци, танци, во кои ќе уживаме во деновите што ни престојат, во речиси половина век. Нема ништо поубаво од еден ваков колорит, да бидете домаќин на овој величествен настан. Токму овде, овие денови, нашите насмевки да ги испратиме кон целиот свет, а нашите гости со убави спомени, за повторни навраќања“, посочи Петровска.

Фестивалот за отворен го прогласи потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија Горан Мисовски.

„За време на фестивалските денови преку своите песни и игри да ја пренесете универзалната порака на прифаќање и почитување на различностите. Вие сте вистински амбасадори на културата“, истаткна  Мисовски.

Покрај домашните фолклорни ансамбли, на петте фестивалски денови ќе настапат гости од Мексико, Индија, Русија, Белгија, Израел. Завршната вечер на фестивалот ќе се одржи во античкиот локалитет Хераклеа на 31 јули, со концертот на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.