75 ГОДИНИ ОД БЕГСТВОТО НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ ОД ЦЕНТРАЛНИОТ ОБЛАСТЕН ФАШИСТИЧКИ ЗАТВОР

75 ГОДИНИ ОД БЕГСТВОТО НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ ОД ЦЕНТРАЛНИОТ ОБЛАСТЕН ФАШИСТИЧКИ ЗАТВОР

По повод 75 години од бегството на политичките затвореници од Централниот областен фашистички затвор во Битола, на местото каде што некогаш се наоѓал затворот, во близина на „Црн мост“, денес свежо цвеќе положија заменик градоначалничката на општина Битола,  Емилија Костурски, членови на Советот на општина Битола, како и претставници на Сојузот на борци. Пред споменикот се поклонија и учениците од основното училиште „Д-р Трифун Пановски“.

Претседателот на општинската организација на Сојузот на борци, Александар Трајковски, потсети на историскиот тек на настаните поврзани со судбините на политичките затвореници, но и на случувањата на денешниот ден – 6 септември, кога политичките затвореници успеаа да извршат бегство од затворот.

Фашистичкиот воен суд во Битола изрекол казни на над 250 учесници во Народноослободителното и антифашистичко движење. Над 50 од нив беа осудени на смрт со бесење, над 20 беа осудени на доживотна робија, а другите на временски казни со строг затвор од една до 20 години. Таму функционирал затворски комитет на комунистите, кој од средината на 1944 година формирал и затворски воен штаб, кој пак бил ангажиран околу поодготовки на бегството на политичките затвореници. Соочени со поразот на фашистичката власт Управата на затворот, три дена пред капитулацијата на фашистичка Бугарија била приморана да дозволи да се отворат затворските порти и околу 120 политички затвореници избегале од него. По бегството од затворот сите политички затвореници успешно се вклучиле во завршните операции на македонската војска за конечно ослободување на Македонија од фашистичката окупација.

Денешниот ден е сеќавање на хероите кои своите животи ги положија за нашата татковина.