НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ИНФОРМАТИЧКАТА ТЕХНОЛОГИЈА ВО БИТОЛА

НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ИНФОРМАТИЧКАТА ТЕХНОЛОГИЈА ВО БИТОЛА

Започнува нова страница во живеењето на општина Битола. По иницијатива на министерот Џери Наумов менаџерите на компанијата Cosmic development денес ја посетија општина Битола, каде што наскоро ќе отворат претставништво на својата компанија. Локалната самоуправа ќе ја обезбеди локацијата, а техничкиот факултет ќе соработува во обезбедувањето на висококвалификувани кадри.
„Благодарност до сите кои што ценеа дека Битола е токму местото со најдобрите услови за нови инвестиции. Се работи за инвестиции во една специфична област која подразбира вклучување на квалификувани млади луѓе. Се работи за една компанија која што има исклучителни резултати во светот, а која што ја водат наши луѓе по потекло македонци“, изјави д-р Владимир Талески, градоначалник на општина Битола.
Министерот Џери Наумоф првата посета на општина Битола ја реализираше во месец август, а за неполни два месеци во општината доаѓа со инвеститори кои својата компанија ќе ја прошируваат токму во оваа општина.
„Бев импресиониран со позитивниот став на градоначалникот на Битола, неговиот економски совет и техничкиот факултет во Битола. Во истото време луѓето од една канадска компанија наречена Cosmic development ме замолија да им помогнам во еден нов проект надвор од нивната канцеларија во Скопје. Сопствениците Крис Павловски и Рајан Милс дојдоа од Торонто за да бидат заедно со нивниот генерален менаџер Илчо Бојчевски и за да го најават нивниот нов проект во Битола. Им посакувам на Cosmic development голем успех во процесот на изградување на најпрофесионалните канцеларии во стилот на google во Битола и се надевам дека ќе постават највисоки стандарди што другите ќе мораат исто така да ги достигнат“, изјави министерот Џери Наумоф
Космик девелопмент во Скопје работи од 2011 година, а вработени се 70 граѓани. Во Битола на почеток подготвени се за 50 нови вработувања.
„После еден прекрасен состанок со градоначалникот и деканот на техничкиот факултет убеден сум дека ова е правото место за нас да инвестираме. Имавме исклучителен состанок и мислам дека младите од овој регион кои што се многу заинтересирани за ИТ и кои се високо квалификувани за тоа би сакале да работат токму во нашата компанија“, изјави Рајан Милс од Cosmic development.
Компанијата има светски познати клиени како микрософт, јаху и многу важни креативни агенции кои застапуваат компании од типот на Warner Brothers и Universal студијата.
Фокусот на инвестиции во информатичката технологија овозможува задржување на талентираните македонци во својата држава.