БИТОЛСКИ МЛАДИ КОШАРКАРИ УЧЕСНИЦИ ВО ПРОЕКТОТ EUSAIR 4 YOUTH

БИТОЛСКИ МЛАДИ КОШАРКАРИ УЧЕСНИЦИ ВО ПРОЕКТОТ EUSAIR 4 YOUTH

Во рамките на европскиот проект EUSAIR 4 YOUTH – Спортски настан во кошарка 3×3, финансиран од програмата EUSAIR на Европската Унија, чиј домаќин беше општина Драч во Албанија, учествуваше  и општина Битола со свои претставници.

Главната цел на овој проект е да се зајакне улогата што ја игра спортот во социјалната инклузија и кохезија во Јадранскиот Јонски регион преку организирање на спортски настан за млади луѓе, каде што учествуваа општини од 9 земји.

Преку овој проект, покрај тоа што значително се зајакна соработката на општина Битола со Јадранската Јонска заедница, во исто време се промовираше мир, толеранција и разбирање, развој на солидарноста и подобрување на социјалната кохезија, како што е и всушност поставено во Агендата за одржлив развој до 2030 година.

На овој важен спортскиот настан во дисциплината – Кошарка 3Х3, општина Битола ја претставуваа младите кошаркари родени во 2006 и 2007 година: Благојче Димитровски, Христијан Дракуловски, Ѓорѓи Гајтановски, Лука Тодоровски, Михаела Нешковска, Наталија Петровска, Надица Стефановска и Јана Трајковска. Сите имаа одлични настапи, посебно машкиот тим кој го освои сребрениот медал и на патот кон финалето издвојуваа убедливи победи против тимовите од Србија, Италија, Црна Гора, а во финалето со тесен резултат од  8:7 беа поразени од Сплит, Република Хрватска. Младите кошаркари беа предводени од тренерите Мико Голубовиќ и Христијан Цветковски.