ВО БИТОЛА ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ ХЕПАТИТОТ

ВО БИТОЛА ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ ХЕПАТИТОТ

Под мотото „Хепатитис – безбедна иднина“, во Битола се одбележа Светскиот ден за борба против хепатитот, во организација на Хепар центарот од Битола. Дел од говорниците се обратија преку линковска врска, меѓу кои и директорката на канцеларијата на СЗО Џихан Тавиала. Градоначалничката Наташа Петровска нагласи дека активностите на невладиниот сектор во градот се видливи, посебно во сферата на заштита на здравјето на луѓето.

„Ме радува тоа што успеале да обезбедат 1300 тестови за хепатит, а активностите кои што ги спроведуваат не се само локални, туку ги вклучуваат субјектите и на државно и меѓународно ниво. Општина Битола несебично ја дава поддршката за активности кои што се однесуваат на заштита на здравјето на луѓето, без разлика дали станува збор за превентива, едукација или поддршка на активности. Со сето ова укажуваме дека буџетот на граѓаните е ставен во нивна функција, а дефинитивно, здравјето е она што е најсуштинско за граѓаните“  рече градоначалничката Петровска.

Од Хепар Центарот Битола велат дека 1% од населението во Македонија е инфицирано со хроничен хепатитис Б или Ц.

„Вклучени сме во истражување на интернационално ниво, ќе соработуваме со Универзитетот во Оксфорд со цел да добиеме прецизни податоци за тоа како коронавирусот влијае и колкава е опасноста од влошување на здравствената состојба на лица со хепатитис доколку бидат заболени од ковид-19. Инаку, во нашата држава во моментов еден процент од населението се соочува со овој здравствен проблем, но добро е што македонското Министерство за здравство ја набави најновата терапија произведена пред 2 години, мултигенотипска терапија која ги лекува сите генотипови хепатитис и таа ќе биде бесплатна за сите пациенти“, истакна Милан Мишковиќ од Хепар Центар Битола.

Според податоци на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола, во овој град во 2019 година со актутен хепатит е регистрирано едно лице, со хепатит А се евидентирани седум лица, со хепатит Б пријавени се три лица, а со хепатит Ц не е пријавено нити едно лице.