ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ НА СРЕДБАТА ФРАНЦИЈА-БАЛКАН МЕЃУ ПРАТЕНИЦИ И ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ НА СРЕДБАТА ФРАНЦИЈА-БАЛКАН МЕЃУ ПРАТЕНИЦИ И ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски е учесник на средбата Франција-Балкан меѓу пратеници и претставници на локалните власти, која се одржува во францускиот град Дижон. Во новиот европски и меѓународен контекст, соочени со предизвиците на европската интеграција на Балканот, се дебатира за придонесот на локалните власти во овој процес, европската иднина на Западен Балкан и на прашања поврзани со процесот на европска интеграција и пристапување, особено на локално ниво. Исто така, се разговара и за прашањето на унапредување на соработката на локалните власти на Франција и Западен Балкан и размена на мислења за теми како што се локалното јавно дејствување, атрактивноста и подобрувањето на териториите.

Градоначалникот Коњановски во своето обраќање на тркалезната маса, наменета за локалните искуства, истакна дека историјата, културата и пријателството на космополитска Битола се надалеку нејзин најпознат белег.

„Општина Битола е општина која повеќе од  54 години негува одлична соработка со Франција, за што дополнителна потврда претставува збратимувањето на Битола и Епинал, кое е прво и најстаро збратимување на Битола, кое датира од 1968 година.

Низ годините, блиската соработка, континуирано се надградувала, зајакнувала и продлабочувала, промовирајќи ги заедничките идеи, меѓусебната поддршка и заедничкиот интерес  за проекти во делот на  културата, образованието, како размена на ученици, но секако и други проекти во насока на споделување искуства и добри практики за подобрување на урбаното живеење. Во оваа смисла и од ова место би сакал да ја потенцирам нашата отвореност и за нови  партнерства, соработки со други француски градови.

Францускиот конзулат во Битола, преку делувањето на почесниот конзул Калиопа Кривашија Стилиновиќ, има посебен придонес во реализација на повеќе проекти кои се однесуваат на образованието, културата, противпожарната заштита и унапредувањето на социјалниот дијалог во насока на следење на европските перспективи на градот.

Од 2000 година, Француската Алијанса Битола работи на промовирањето на францускиот јазик, и на француската и франкофонските култури во градот и регионот, а Битола е еден од градовите во кој се одржува и Фестивалот на музиката „Солстис“.

Сите овие активности и проекти, се дел од процесот на реализација на визијата на локалната самоуправа за постигнување напредок и подобрување на условите за живот за граѓаните, согласно законската регулатива и принципите за отчетност и транспарентност во работењето, што неодамна беше потврдено и со ЕЛОЖ сертификатот кој се доделува за исполнетост на 12 те принципи, востановени од Советот на Европа за извонредност во управувањето.

Тоа значи дека и во условите на економска и енергетска криза, локалната самоуправа мора да покаже стручност и инвентивност и да овозможи реализација на проекти кои истовремено ќе значат справување со предизвиците, но и неколку чекори напред во развојот на општината“, рече Коњановски.

Тој ги истакна капацитетите на градот Битола во сите сфери и заложбата на локалната самоуправа за напредок на општината во сите области.

„Сите овие области се само дел од она на што како локална самоуправа работиме и подготвени сме за градење партнерства кои ќе овозможат подобро функционирање и унапредување на квалитетот на живот во градовите, во сите области.

Верувам, дека од денешниот состанок ќе произлезат дополнителни насоки на делување и заеднички приоритети кои наскоро ќе дадат видливи резултати на напредок.

Ова е вторпат како општина Битола учествува, значи имаме одржливост шти е многу значајно. Во меѓувреме се случи и проектот ЏЕЗ МРЕЖА ФРАНЦИЈА – БАЛКАН, чијшто носител беше токму нашиот домаќин, градот Дижон, а градот Битола, којшто денес пред вас го претставувам, како партнер, уште еднаш ги потврди своите капацитети за кооперативост, отвореност, иницијативност и активизам што соодветствува на денешните актуелни проектни  цели и очекувани резултати“, посочи Коњановски.

За време на француското претседателство, Европската унија ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија, кандидат од 2005 година и Албанија, кандидат од 2014 година. Така двете земји им се приклучија на Србија и Црна Гора во кругот на преговорите.

Оттука, организаторот на конференцијата, Здружението на францускиот совет на општини и региони на Европа (АФЦЦРЕ) покажува голем интерес и внимателно го следи процесот на проширување на ЕУ, особено во однос на Западен Балкан.

Покрај градоначалникот Тони Коњановски, во македонската делегација се и секретарот на општина Битола Борче Димитровски и градоначалникот  на општина Куманово Максим Димитриевски.