ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА ОДРЖА СОСТАНОК НА ОПШТИНСКИОТ ШТАБ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА ОДРЖА СОСТАНОК НА ОПШТИНСКИОТ ШТАБ ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ

Со цел навремено преземање на координативни и превентивни мерки за заштита од пожари, Градоначалничката на општина Битола, денес одржа состанок со општинскиот кризен штаб на кој присуствуваа претставници од ТППЕ Битола, СВР Битола, Центар за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, ЈУ НП Пелистер и ШС „Кајмакчалан“. На состанокот беа образложени моменталните активности и мерки на делување кои се преземаат во рамките на надлежноста на институциите, а беше доставена и информација за нивната кадровска екипираност и опременост. Ваквата координација е особено важна имајќи предвид дека и во следните десет дена се очекува температурите да бидат високи.

Согледувајќи ја состојбата со пожарите во повеќе делови на државата, градоначалничката на Општина Битола, изминатите денови испрати возила и екипи за помош при делувањето во Македонски брод, а екипите на ТППЕ дејствуваа и на пожарите во селата Мусинци и Скочивир. Екипиите на центарот за управување со кризи и дирекцијата за заштита и спасување се постојано на терен, а согласно своите програми за работа и планови за заштита и спасување и екипите на НП Пелистер и ШС „Кајмакчалан“, превентивно, делуваат на терен.

Во моментот ТППЕ Битола има добра екипираност и располага со 37 пожарникари и 6 возила. Во оваа насока на подобрување на подготвеноста на противпожарната единица, во изминатиот период локалната самоуправа инвестираше преку обезбедување на ново возило, зголемување на бројот на високопрофесионални кадри, како и подобрување на условите за нивна работа, со цел зголемување на безбедноста на населението и заштита од пожари.

Полициски патроли 24 часа се на терен и преземаат превентивни и репресивни мерки. СВР Битола потсетува дека предизвикувањето на шумски пожар намерно или од невнимание претставува кривично дело, кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до 8 години (член 227 од Кривичниот законик), зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

Градоначалничката Петровска, на денешниот состанок, ја договори понатамошната динамика на делување на кризниот штаб, во кој дополнително ќе бидат ангажирани и екипи на јавните претпријатија со цел навремено пресретнување на опасностите од пожари, како и брза и соодветна интервенција доколку за тоа има потреба.