ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА СО ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАЈ ЗА ЗАДОЛЖЕНОСТA НА ОПШТИНАТА

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА СО ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАЈ ЗА ЗАДОЛЖЕНОСТA НА ОПШТИНАТА

Согласно своите определби за транспарентност, отчетност и одговорност, а после извршениот попис од стручната комисија формирана од вработени во општината, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, на денешната прес конференција ја информираше јавноста за утврдените факти во општината, во делот на финансиското работење до доаѓањето на Петровска. Градоначалничката нагласи дека по идентификувањето на состојбата, се преземаат конкретни мерки за нејзино надминување. „За две недели колку што сум на градоначалничката функција, успеавме да ја направиме почетната анализа, која е содржана во овие стотина страници. Бројките за жал се разочарувачки. На денот на пописот 31.10, општина Битола за пристигнати и преземени обврски е изложена на задолженост во висина од 768 218 028 денари, или искажани во евра тоа изнесува 12 491 350 евра“, изјави Наташа Петровска, градоначалник на општина Битола. Градоначалничката Петровска образложи и во што се состои ваквата задолженост: „Според досега пристигнати фактури за стоки и услуги, временски ситуации за извршени градежни работи, обврски по гаранции за плаќање и други видови на финансиски документи за задолжување, долгот на општината изнесува 205 361 507 денари или искажано во евра 3 339 211 евра. На поголемиот дел од оваа сума, веќе им е помината валутата, или поедноставно речено, рокот на плаќање. На мал дел рокот им доспева кон крајот на годината, освен делот од 20 000 000 денари за стадионот кои се распоредени во текот на следната година. Тоа покажува дека општина Битола во овој момент е со неликвидност, односно немала и нема можности редовно да ги плаќа обврските кон своите добавувачи согласно Законот за фискална дисциплина. За да се има попрецизна слика за ова задолжување, ќе направам една споредба: Во 2015 година вкупно за изградба, одржување на улици, водоводи и канализации и други градежни објекти, потрошени се 2 811 027 евра. Ова значи дека, сегашните обврски по пристигнати финансиски документи се за половина милион евра повисоки, од вкупно потрошените пари за инфраструктура во 2015 година. Тоа е едниот дел од сумата на задолженост. Вториот сегмент од вкупната задолженост кој изнесува 9 152 139 евра се потпишани договори со кои се преземени обврски кои треба да се платат во наредните две години. Сметките за овој долг пристигнуваат скоро секојдневно и ќе се зголемуваат до крајот на следната година. Сакам да напоменам дека во гореспоменатиот доспеан долг не се содржани неисплатените обврски за плати и трошоци кон спортските клубови во Битола: двата ракометни клубови на Пелистер (мажи и жени), ФК Пелистер и кошаркарскиот клуб Пелистер кои дополнително го зголемуваат долгот на општината. Исто така, во овие обврски не се евидентирани и обврските од фестивалот „Браќа Манаки“. Во анализата на пописната комисија врз финансиското работење на општината се вбројуваат и извршните судски решенија: „Заради превисоките трошења над реалните финансиски можности и ненавремени плаќања, општина Битола само во текот на оваа година, по извршни судски решенија исплатила 23 846 360 денари. Во моментот општината е тужена за поголеми суми, а тужбите се интензивираат во последно време. Ова наметнува прашање: Дали постои поврзаност помеѓу некои добавувачи и поранешното раководство, да чекаат за наплата на своите побарувања и потоа на крајот на мандатот да тужат и да ја блокираат работата на општината. Со ваквите постапки на претходниот градоначалник, не само што се создал долг во минатото, туку се насочени или потрошени и парите за инфраструктура и други зафати за следните 3 – 4 години. Споредено со вкупните годишни приходи на општината, преземените обврски се околу буџетот за една и половина година“, изјави Петровска, напоменувајќи дека општина Битола е задолжена и со долгорочен кредит во износ од 155 883 097 денари. Дополнително оптоварување на општината претставуваат и лошите финансиски состојби во училиштата, за кои јавноста ќе биде информирана после завршувањето на анализите на нивното работење. „Во оваа прилика не навлегувам во поединости и пикантерии од плаќања, кои се вршени во минатото, иако бодат во очи некои исплати, на пример за т.н „Бит Фест“, за што годинава се исплатени повеќе од 220 000 евра. Силно ја поддржувам културата, но се спротивставувам, под „закрилата“ на културни манифестации да се вршат исплати на привилегирани поединци. За целисходноста, наменското трошење и законитост во плаќањата ќе оставам на институциите на системот. За таа цел ќе побарам од државниот завод за ревизија да се изврши ревизија на работењето на општината. И покрај ваквите состојби градот и општината ќе функционираат“, рече Петровска на денешната прес конференција. Градоначалничката потврди, дека општината во следните две до три години ќе мора да ги покрие споменатите околу 13 милиони евра наследени обврски, но нагласи и дека покрај лошата финансиска состојба, треба и мора да се бараат решенија за понатамошен развој на општината. Првите чекори за консолидација на финансиите се отпочнати, а во краткорочните – итни мерки за финансиско стабилизирање за седницата на совет во понеделник на предлог на градоначалникот закажан е ребаланс на буџетот за оваа година. Долгорочните мерки пак, предвидуваат долгорочни решенија, ревидирање на нерационални и непродуктивни трошења, зголемување на приходите на општината, што ќе придонесе за развој на градот.