Започнува петтото јубилејно издание на ИДТФ Битолино 2015

Започнува петтото јубилејно издание на ИДТФ Битолино 2015

Во Битола традиционално секоја година од 05.08 до 07.08 петта година по ред во рамките на БИТФЕСТ се одржува интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ кој е во организација на „Бабец театар“ од Битола, а финансиски поддржан од Министерството за култура на РМ, Општина Битола, Американската амбасада и амбасадата на Австрија од Скопје. Покровители и спонзори на фестивалот се и АД Мепсо, Витаминка, Транскоп, Комерцјална банка и Суна од Битола.
„Идејата прерасна во реалност. Оваа година славиме пет години од нашето постоење. Логистичка поддршка и оваа година добивме од НУ Центар за култура Битола, светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и асоцијацијата за детски театри  од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР. Оваа година на фестивалот ќе настапат шест театри од Шведска, Израел, Австрија, Хрватска, САД и Франција“ – истакна на денешната прес конференција Васко Мавровски, директор на фестивалот.
Мавровски додаде дека минатата година „Бабец театар“ комплетно се посвети на реализација на проектот Театарска Школа Бабец за деца на возраст од 6 до 12 години кои работат под менторство на актерката Јулијана Мирчевска и воведуање на редовен репертоар на детски претстави.
„Оваа петта јубилејна година од постоењето на театарот ја посветивме на еден многу сериозен проект а тоа е воведувањето на редовен репертоар на детски претстави со кој покажавме и докажавме дека нашиот град има реална потреба од ваков вид на забава и едукација на децата. Во прилог на успешната реализација на овој проект ќе ги споменеме само бројките кои се непобитен факт: 21 изведба со посетеност од 2600 деца“ – истакна Васко.
Програмскиот директор и селектор на феситвалот, Јулијана Мирчевска истакна дека воопшто не било лесно да се одберат претставите кои ќе се изведат на овогодинешното издание на Битолино затоа што апликации пристигнале речиси од целиот свет, но сепак смета дека најдобрите ќе се претстават токму на ова јубилејно издание на Битолино.
„Првиот фестивалски ден ќе започне со претставата која е во официјална конкуренција во продукција на театарот Мала сцена од Загреб, Р.Хрватска. Насловот на претставата е „Не, не ти! Или за раликите“ во режија на Нора Крстуловиќ. Инаку мора да напоменеме дека минатата година пријателите од Мала сцена беа победници на четвртото издание на Битолино. Оваа претстава е наменета за деца поголеми од 7 години. Пред почетокот на на втората претстава свечено да го отворат петтото издание на ИДТФ Битолино ќе им припадне на децата од Театарската школа Бабец со краткиот перформанс создаден по идеја и текст на Јулијана Мирчевска а со наслов „Тажната нула“. Мојата приказна, вашата приказна, кои сме ние и зошто не секогаш сме таму каде што ни е местото но и фактот без ниту еден од нас целта не може да биде постигната, оваа приказна ќе биде пренесена низ играта на 15 деца од сите возрасти“ – изјави Јулијана Мирчевска, програмски директор и селектор на фестивалот Битолино.
По перформансот во изведба на децата од театарската школа Бабец, ќе се изведе претставата „Звучи – Зун Зун!“ во продукција на театарот SAGOHUSET од Лунд, Шведска.
Следниот ден на 06.08 ќе бидат изведени претставите „Четири басни и Кралицата“ во продукција на Ruti Tamir Mime and theater company од Модин, Израел, а во режија на Ruti Tamir, како и претставата „Гласно и тивко“ на театар Feuerblau од Грац, Австрија.
На последниот ден од фестивалот Битолино ќе бидат изведени претставите „Овоштарникот со праски“ во продукција на театар Masque од Витлеем, САД а во изведба и режија на Lary Hunt, како и претставата „Кралицата Конг“ во продукција на La Bazooka театарот од Le Havre, Франција.
И оваа година претставите ќе се борат за наградата „Најдобра претстава во целина“, а за тоа ќе одлучува трочелно жири во состав од Соња Михајлова – актерка во НУ Народен театар Битола, Јован Ристовски – режисер и вработен во НУ Народен театар Битола како и претседателот на жири комисијата Валентина Луц која е режисер и директор на Детскиот државен театар на Портите на Нарва од Санкт Петерсбург од Русија.

BF2015Bitolino_1