КУЛТУРАТА ВРАТА ЗА ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА

КУЛТУРАТА ВРАТА ЗА ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА

Културната комуникација е сигурно еден од најдобрите начини да биде воспоставена повеќеаспектна соработка, особено кога стануива збор за заеднички историски епизоди, испреплетеност на индивидуални животни судбини, па и на цели  народи  македонскиот и израелскиот.
Дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Израел,  се одбележа со поставување Спомен плоча на столбовите на некогашната синагога „Кахал Португал“, во градскиот парк – Битола  во присуство на градоначалникот д-р Владимир Талески и неговата екселенција израелскиот амбасадор во Македонија и директор за Балканот г-дин Dan Oryan.  Израелската делегација ја сочинуваат и публицисти од Израел и САД и новинари од Националните телевизии на Израел, што е одлична можност Битола да биде преставена во тој дел на светот, како идна платформа за натамошни релации во поглед на економска соработка и бизнис – партнерства.
„Големо е задоволството да се биде тука. Ние сме денес  во Битола, град  кој што со векови до Втората Светска Војна беше дом на голема еврејска заедница. Ова што денес ние го правиме е многу важно за нас, за да можеме да се завртиме кон иднината мора да погледнеме кон минатото, a тоа го правиме вечервава со претставата на двата водечки еврејски театри кои што пред битолската публика  ќе ја одиграат театарската претстава Нашиот Клас“ – изјави израелскиот амбасадор во Македонија г-дин  Dan Oryan.
„Денес во една интересна и официјална посета во Битола е делегацијата од Израел предводена од неговата екселенција, израелскиот амбасадор во Македонија и директор за Балканот г-дин Dan Oryan.  Ова што денес ни се случува е континуитет од претходните средби  и соработки што ги имавме со израелскиот амбасадор, и на наша покана и огромно задоволство прифатија да бидат дел од програмата на јубилејниот десетти по ред БИТ ФЕСТ.  Со оваа средба сакаме да промовираме еден нов начин на комуникација преку директни и почести средби каде би се унапредила сооработката, а  Битола со својата стратешка поставеност од културен и географско – историски аспект ќе почне да го живее сопствениот економски просперитет во инсдустријата и стопанството, сето тоа благодарение на културата“ – изјави градоначалникот д-р Владимир Талески.
Вечерва во 20:00 часот во Битолскиот народен театар  ќе биде изведена  театарската претстава „Нашиoт клас“,  приказна на релацијата  полјаци –  евреи, лоцирана во едно мало село во Источна Полска, за време на Втората светска војна. Станува збор за десет деца, една генерација, за еден нивни животен фрагмент, приклештен од војната и љубовта, со сите убиства, сеќавањата и заборавот, насилството и сочувството, сето тоа испреплетено во моќната драматика на животот. Текстот за претстава се темели врз вистински историски настан, кога во малото село во Полска, на 10 јули 1941 година, биле запалени 1600 Евреи. Автор на текстот е полскиот драматург Tadeusz Slobodzianek. Претставата преку  приказната за локалниот погром на Евреите, ја испраќа универзалната порака за секое општество што не го прифаќа „другиот”, за атмосферата каде што децата се жртва на нетолеранција, расизам, и предрасуди.
Во градскиот парк во Битола беше засадена магнолија во знак на  пријателството и мирот и беше положено свежо цвеќе пред споменикот на Евреите во Битола.

SorabotkaIzrael_1 SorabotkaIzrael_2 SorabotkaIzrael_3 SorabotkaIzrael_4 SorabotkaIzrael_5 SorabotkaIzrael_6 SorabotkaIzrael_7 SorabotkaIzrael_8 SorabotkaIzrael_9 SorabotkaIzrael_10