НАРОДНАТА КУЛТУРА И ГОДИНАВА ИНСПИРАЦИЈА ЗА ГОЛЕМ БРОЈ ДЕТСКИ ЦРТЕЖИ

НАРОДНАТА КУЛТУРА И ГОДИНАВА ИНСПИРАЦИЈА ЗА ГОЛЕМ БРОЈ ДЕТСКИ ЦРТЕЖИ

Културата и традицијата по 47 пат беа мотив за цртежите на ученици од целата држава, како дел од изложбата под наслов „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, која денес беше отворена во Центарот за култура во Битола.

Пред присутните на изложбата се обрати претседателката на Советот на општина Битола Габриела Илиевска, која заедно со директорката на Центарот за култура им ги доделија наградите на најдобрите учесници.

„Битола е горда на голем број манифестации и настани кои како традиционални од година во година стануваат се побогати во содржини, но и се попривлечни за голем број учесници. И денешната 47 државна изложба, потврдува дека токму Битола, како град со богато културно наследство, продолжува да ја негува и промовира македонската култура и традиција, притоа посебно водејќи се од потребата, младите генерации да се запознаваат со традиционалните вредности, да учат за нивните специфики, а потоа да бидат и наши промотори во светот. Самиот факт, што на оваа изложба пристигнаа толкав голем број творби, говори дека уште од најрана возраст македонските обележја и нашата народна култура се голем мотив за творештвото на младите, со кои и како град и како држава сме препознатливи на светската културна мапа.

Сакам да им честитам на добитниците на наградите на оваа изложба, но и на сите учесници кои преку својата ликовна експресија пренесуваат нешто многу важно од нашата историја. Секако честитки и до наставниците и менторите кои ги водат по патеката која е многу важна за зачувување на нашиот идентитет, а честитки и многу понатамошни успеси и за организаторот „Центар за култура“, кој на овој начин традиционално и во континуитет го одржува и развива токму она што е искажано и во насловот кој го носи изложбата: народната култура да биде трајна инспирација за творештво од најрана возраст“, истакна Илиевска.