НОВА ОПРЕМА И УРЕДЕНА СПОРТСКА САЛА ВО ЦЕНТАРОТ ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

НОВА ОПРЕМА И УРЕДЕНА СПОРТСКА САЛА ВО ЦЕНТАРОТ ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Во спортската сала, во Центарот за социјална работа, денес официјално беше пуштена во употреба спортската сала каде лицата со попречености ќе имаат можност да ја зголемат физичката активност. Средствата за уредување и опремување на просторот, беа обезбедени од страна на општина Битола и проектот „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот Никој да не биде изоставен“. Здруженијата кои ќе го користат овој простор, на денешниот настан изразија голема благодарност, а градоначалникот Коњановски, нагласи дека општината продолжува да иницира и поддржува различни активности кои придонесуваат за подобрување на условите за лицата кои се соочуваат со одредена попреченост.

„Токму и овој простор, во спортската сала на Центарот за социјална работа, кој од денес се става во функција има за цел да ги подобри можностите за спортско рекреативни активности за лицата со попреченост, кои тука ќе може да поминуваат дел од своето време, во услови кои соодветствуваат на нивните потреби за спорт и рекреација.

Оваа донација во опрема во вредност од 111.847 денари, е обезбедена во рамки на проектот „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот Никој да не биде изоставен“ во партнерство со ЗЕЛС. Проектот е имплементиран од НАЛАС – Mрежа на националните асоцијации на локалните власти во Југоисточна Европа и ЗЕЛС, во соработка со GIZ, а во име на Германското Федерално Министерство за економска соработка и развој (BMZ).

Во рамките на проектот, општината претходно спроведе повеќе активности, а со оваа донација која се дава на Здружението Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди Битола во кое членуваат лица со различна попреченост, се овозможува поддршка на лицата со телесна, визуелна попреченост и потешкотии со слух и говор од аспект на обезбедување на услови за поттикнување и зголемување на нивната физичка и спортска активност, преку обезбедување соодветна опрема за тоа. 

Покрај оваа донација, со средства од oпштината од програмата за млади и спорт за 2021 се направи реновирање на Спортската сала (бојадисување, стружење и лакирање на паркетот), со што во оваа сала значително се подобрени условите за лицата со попреченост“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Реализацијата на овие проекти, кои се заокружуваат во пресрет на Меѓународниот ден на белиот стап – симбол на слепите лица, e во насока на зајакнување на поддршката која ја обезбедува општината за лицата со попреченост, што пак дополнително е изразено и преку програмата за социјална заштита.