НОВО ДЕТСКО ИГРАЛИШТЕ ВО ГРАДСКИОТ ПАРК

НОВО ДЕТСКО ИГРАЛИШТЕ ВО ГРАДСКИОТ ПАРК

Во Градскиот парк во Битола, денес беше пуштено во употреба новото детско игралиште, кое е изградено како донација од Бимилк во соработка со општина Битола. Вкупната површина на ова ново место за игра, забава и рекреација на младите е 1 400 m2, а истото располага со 20 реквизити и интерактивни игри. Вредноста на донацијата е над 30.000 евра.

„Грижата и активниот однос кон заедницата е наш придонес што произлегува од корпоративната стратегија на Млекара Битола. Како најголема и прва млекара во државата, покрај производи со врвен квалитет наша цел е со вакви активности да поттикнеме и мотивираме раст и развој кај најмладите за здраво и активно детство. Преку пренесување на вистинските вредности на децата правиме чекор понапред кон унапредување на условите во општеството, развојот на децата и животот во целост. Наша традиција во делувањето е да иницираме различни активности кои ќе придонесат кај најмладите да се едуцираат и мотивираат за здрав и активен начин на живот. Бимилк оваа година прославува 70 години постоење, така што се надевам уште многу генерации ќе растат и ќе се развиваат заедно со нас“, истакна Полексена Јанкуловска, Регионален маркетинг менаџер на Бимилк.

Градоначалникот Коњановски, изрази благодарност за донацијата од Бимилк, нагласувајќи дека на овој начин, општината ја потврдува соработката со бизнис секторот, а во идниот период, локалната самоуправа продолжува со изградба на нови хортикултурно уредени површини и простори кои ќе нудат можности за спортско рекреативни активности.

„На крајот на Градското шеталиште, Битола добива уште едно рекреативно катче и хортикултурно уредено, но и со едукативни активности кои ќе придонесат, младите од градот да имаат што повеќе зелена површина, игралишта. Тоа е и заложба на локалната самоуправа, така што освен новиот парк во Нова Битола, кој започнавме да го реализираме во соработка со јавните претпријатија, добиваме и вакви помали содржини кои ќе ги имаме уште повеќе во градот. Моја заложба лично е што повеќе зеленило, што повеќе рекреативни содржини, но и еден апел до родителите, како и до најмладите: да ги чуваат овие катчиња. Ние не можеме да обезбедиме деноноќна заштита. Сведоци сме на случаи во кои млади луѓе ги вандализираат. Ова е наше, заедничко добро кое треба да го чуваме. Бимилк направија еден добар чекор, заедно со нас, овозможија да оплемениме еден убав дел од градот и така треба да остане. Што повеќе вакви површини, тоа повеќе радост за најмладите, а тие се нашата иднина“, рече градоначалникот Тони Коњановски.

Отворањето на детското игралиште беше проследено со многу забава, музика, креативни игри и едукација. Со поддршка од Пакомак за најмладите беа организирани и едукативни работилници на тема екологија преку кои на децата на интересен, креативен и игривен начин им беше претставено рециклирањето и пренамената на отпадот.