ОБРАЌАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ НА КОНСТИТУТИВНАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

ОБРАЌАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТОНИ КОЊАНОВСКИ НА КОНСТИТУТИВНАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

Почитувани советници,

Ви го честитам изборот и денешната верификација на мандатите и ви посакувам успешна работа и донесување на добри одлуки во интерес на нашата општина.

Верувам дека од денес, Општината воспоставува еден нов начин на функционирање, во кој со единство, сплотеност и заедништво можеме да достигнеме највисоки цели и победи за Битола. Тука сме, благодарение на гласот на граѓаните и понатаму имаме обврска да го слушаме нивниот глас, нивните барања, потреби и приоритети.

Како што сум изјавил претходно и денес, цврсто стојам на ставот кој ќе биде и мој начин на функционирање во следните четири години:

Имено, политиката треба да се тргне од локалната самоуправа. Мојата заложба, како градоначалник е да направам спој помеѓу сите советници од Советот на општина Битола, за да работиме за доброто на градот, на граѓаните. Локалната самоуоправа мора да биде место каде нема да се поаѓа од лични, субјективни или партиски приоритети, туку институција во која сите ние ќе делуваме за нашиот заеднички интерес – Битола каква што им доликува на битолчани.

Почитувајќи ја Вашата стручност и компетентност во различни области, знам дека, заедно ќе го исполниме она на што се обврзавме пред граѓаните, преку доследно спроведување на надлежностите, согласно законската регулатива.

Вратата од мојот кабинет е секогаш отворена за граѓаните и за Вас советниците. Разменувањето на идеи и мислења е од голема важност во периодот пред нас. Започнавме со заеднички координативен состанок, така мораме и да продолжиме, со цел одредени спротивставени ставови, да дадат конструктивни решенија на проблемите со кои сите се соочуваме, но и да иницираат нови и реално остварливи проекти.

Да работиме посветено и професионално и да ја направиме Битола подобро место за живеење, силен центар на економијата, културата, образованието, туризмот, место од каде ќе излеземе победници во борбата за чист град и здрава еколошка средина.

Само на тој начин, можеме да им возвратиме на граѓаните за дадената доверба и заедно да успееме во нашата заедничка заложба: Битола каква што ја посакуваат сите битолчани.

Почитувани,

За сето ова да биде така, веќе денес сме исправени пред првиот предизвик, донесување на важни одлуки, кои ќе овозможат Општина Битола да функционира без проблеми во следниот период, односно со кои одлуки ќе докажеме дека интересот на граѓаните е над се.

Имено согласно член 36 став 4 од Законот за буџети, последен рок за поднесување на измени и дополнувања на Буџетот на Општината, односно ребаланс на буџетот е 15 ти ноември, а после овој датум не постои никаква законска можност за донесување на ребаланс.

Потребата за измени и дополнување во буџетот е итна, неодложна и неопходна за функционирање на општината во идниот период, а заради повеќе причини: една од причините се планираните дополнителни средства за електрична енергија, кои се потребни за сервисирање на драстично на зголемите обврски за електрична енергија, кои Општината ги има спрема ЕВН, после раскинувањето на договорот со снабдувачот У-Повер, која ситуација настана на 01.10.2021 година. Понатаму тука се и планираните средства за функционирање на новата јавна општинска установа КИЦ, која менаџира со киното Манаки и Офицерскиот Дом, како и определување на дополнителни средства за исплата на избирачките одбори по одлуката на државната изборна комисија, која се донесе во текот на изборниот циклус на локалните избори за 2021 година.

Понатаму, денешниот датум, 15 ти ноември е исто така последниот датум кога треба да се донесе Програмата за организирање и функционирање на зимската служба за 2021/2022 година за подрачјето на Општина Битола.

Заради овие причини, замолувам и апелирам да се одважиме и да се издигнеме над политиката, бидејќи Општината е јавен сервис и интересот на граѓаните е над се.

Ви благодарам, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање до советниците на денешната конститутивна седница на Советот на општина Битола.