ОПШТИНА БИТОЛА – АКТИВЕН ПОДДРЖУВАЧ ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА АУТИЗМОТ

ОПШТИНА БИТОЛА – АКТИВЕН ПОДДРЖУВАЧ ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА СВЕСТА ЗА АУТИЗМОТ

Во пресрет на утрешниот 2 април, Светскиот ден на свесноста за аутизмот, во општина Битола се одржа работилница, на која беше претставен Центарот за поддршка на учењето и инклузивното образование на децата со попреченост.

На работилницата учествуваа претставници на Центарот за поддршка на учењето и инклузивното образование на децата со попреченост, дел од основните училишта во чии инклузивни тимови се вклучени специјални едукатори и рехабилитатори од Центарот, Општински совет за социјална заштита, службата за ментално здравје при ЈЗУ Клиничка болница, како и претставници од невладиниот сектор.

Во своето обраќање, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски истакна дека со формирањето на Центарот за поддршка на учењето и инклузивното образование на децата со попреченост, има можност за вклучување на овие деца во редовниот образовен систем и целосна бесплатна рехабилитација.

„За да се постигнат таквите резултати и да се достигне максимумот кај секој поединец, секако, потребна е навремена детекција, образование и рехабилитација, во соодветни услови и со соодветен стручен тим.

Општина Битола, преку програмата за социјална заштита, но и во постојана координација со стручните служби, продолжува да биде поддржувач на работата на Центарот за поддршка на учењето на децата со попреченост, кој е пример во државата за успешна имплементација на инклузивното образование. Синхронизираното делување со општинскиот совет за социјална заштита и сите останати институции, установи и експерти од оваа област, очекувам да резултира со значајни промени, не само во делот на образованието, туку и во стекнувањето на вештини за вработување на учениците со попреченост и обезбедувањето на нивна поддршка за независно живеење.

Лицата со аутизам се рамноправни членови на нашето општество и потребно е да имаат подобра иднина преку нивно учество во сите сфери на живеењето“, посочи Коњановски.

На средбата беа предложени идните планови со кои ќе се овозможи значајно подобрување на можностите за напредок на овие лица.