ОТВОРЕНО 40-ТОТО ИЗДАНИЕ НА МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР

ОТВОРЕНО 40-ТОТО ИЗДАНИЕ НА МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР

Синоќа беше отворено 40-тото издание на Малиот битолски монмартр во Старата битолска чаршија пред просториите на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“. Годинава повторно без присуство на децата од целиот свет и без идејниот творец на оваа манифестација, Коста Хаџи Антоновски.

Во име на Општина Битола, се обрати заменик градоначалничката Емилија Костурски. Таа ги поздрави сите присутни, но истакна дека чичко Кочо, како што го викаа децата,иако не е физички во Старата чаршија, сигурно од некаде гледа и се радува на јубилејното 40-то издание. Општина Битола годинава го подржа финансиски Малиот битолски монмартр, со цел достоинствено да се одбележи овој значаен јубилеј.

Пред присутните се обрати и Елена Хаџиантоновска, ќерката на Коста Хаџиантовски, која потсети на почетоците на Малиот битолски Монмартр и како течеше манифестацијата во изминатите 40 години.

Годинава на конкурсот учествуваа 453 училишта од 33 држави во светот со 13.737 цртежи. Гран при наградата годинава отиде за училиштето „School 1955” од Москва, Русија.Награди за најдобра колекција “Златна четка” отпатува за Јапнија, а ја прими амбасадорот на Јапонија во Македонија, Савада Хиронори.

Беа прикажани и видео пораките од децата и нивните ментори кои годинава поради пандемијата не допатуваа од Битола, а ги имаше од Русија, Јапонија, Португалија, Србија итн.

Малиот битолски Монмартр беше отворен со голем огномет и посебно со 40 светлосни плотуни, колку што постои оваа манифестација.