ОТСТРАНЕТА ОПАСНОСТА ЗА ПУМПНАТА СТАНИЦА НА ВОДОВОД И ВОДОСНАБДУВАЊЕТО НА ТРИТЕ ОПШТИНИ

ОТСТРАНЕТА ОПАСНОСТА ЗА ПУМПНАТА СТАНИЦА НА ВОДОВОД И ВОДОСНАБДУВАЊЕТО НА ТРИТЕ ОПШТИНИ

По неколку часовна работа и ангажирање на екипите на јавните претпријатија, спречен е водениот налет на реката Драгор, која претпладнево откорна брег од речното корито и се закануваше на пумпната станица на ЈКП „Водовод“. Неодамна поставениот потпорен ѕид даде свој придонес во заштита на станицата, но и во целосната заштита од излевање на реката.

Градоначалничката Наташа Петровска, која речиси пет часа беше на терен заедно со екипите во изнаоѓање на соодветни решенија,  истакна дека е завршено со ископ на пробив,  со што е насочен текот на водата кон коритото на реката, кое беше изместено заради отсекувањето на дел од брегот од силните напливи на вода. Дополнително, посочи Петровска,  се затвора лакот од одронот на брегот.

Екипите остануваат на терен и натаму, а ќе се работи до раните утрински часови, според потребите.

Во исклучително тешки околности, Општина Битола успешно се справи со настанатата ситуација по обилните врнежи од дожд, со целосно ангажирање на сите јавни претпријатија под општиска и државна надлежност.