ПОДЗЕМНИТЕ КОНТЕЈНЕРИ ГО ДОПОЛНУВААТ НОВИОТ ИЗГЛЕД НА УЛ. ВАСКО КАРАНГЕЛЕВСКИ

ПОДЗЕМНИТЕ КОНТЕЈНЕРИ ГО ДОПОЛНУВААТ НОВИОТ ИЗГЛЕД НА УЛ. ВАСКО КАРАНГЕЛЕВСКИ

На пет локации на улицата „Васко Карангелевски“ поставени се 12 подземни контејнери за собирање на отпад. Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска и директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски, денес присуствуваа на практичната демострација за начинот на нивната примена.

„Извесен период се реализираат низа зафати на оваа улица, односно се постави ново лед осветлување, ново хортикултурно уредување со нови зазелеленети и цветни површини, поставени се клупи, како и активности за смирување на сообраќајот.  Но токму промоцијата на поставувањето на 12 подземни контејнери дава растеретување на просторот, во интерес на граѓаните и заедницата, поголема функционалност и пријатност за опкружувањето. Бидејќи започнавме со инфраструктурни активности и кај Довлеџик, подоцна треба да продуцира и инфраструктурен дел до оваа улица кој ќе подразбира реализација на велосипедските патеки. Ова претставува интегриран, комплетен пристап на промена на инфраструктурата и на она што значи урбано живеење. Би замолила да покажеме како граѓани свест и будност дека треба да се грижиме за се ова заедно, бидејќи се ова што се поставува и се сади е убаво за сите нас“, рече Петровска.

Во пресрет на Светскиот ден на заштита на животната средина 5 јуни, ова е само уште еден показател за подигнување на свеста за постапувањето со отпад како заштита на животната средина, истакна директорот Богоевски.

„Граѓаните имаат точно предвиден отвор за поставување на отпадот. Не би сакале да гледаме слики на отпад наоколу, на користење на отпад од други локации, или пак на градежен шут и други типови отпад кои што не се соодветни за постапување во овие подземни контејнери“, посочи Богоевски.

Случајните минувачи и жители на оваа улица, кажаа дека оваа локација не била никогаш поубава. Навечер, вели наш сограѓанин, едвај да може да се најде слободна клупа, а тука сега може да се видат на прошетка и мајки со деца и возрасни.

Со одлука на Советот на Општина Битола, се предвидува вакви контејнери да се постават и на други локации во градот, во централното градско подрачје.