ПРВА ГОДИШНА СРЕДБА НА АРХИТЕКТИ И ПЛАНЕРИ

ПРВА ГОДИШНА СРЕДБА НА АРХИТЕКТИ И ПЛАНЕРИ

Во организација на Комората на овластени инжинери и архитекти, денес во Офицерскиот дом во Битола, се одржа, прва годишна средба на архитекти и планери. Присутните на настанот, ги поздрави градоначалникот Тони Коњановски, на кој од страна на комората му беше доделена благодарница за досегашната поддршка и соработка. Во своето обраќање, градоначалникот Коњановски нагласи:

„Ми претставува посебна чест, што еден ваков настан: Прва годишна средба на архитекти и планери, се одржува во Битола, токму во време, кога како локална самоуправа, ставаме посебен акцент на урбанистичкото планирање и веќе ја започнавме постапката за изработка на нов Генерален урбанистички план за Битола.

Во овој контекст,за нас, посебно е важна соработката со сите стручни лица кои работат во оваа област и со својата експертиза, совети и сугестии, можат да дадат голем придонес кон решавање на многу важни прашања, поврзани со клучните предизвици со кои се соочува Битола, како од аспект на застарениот план од 1999 година, така и од аспект на ограничувањата и долгите процедури поврзани со Законот за старо градско јадро.

Секако, дека, голем дел од предизвиците во Вашата професија, директно се поврзани и со успешноста на нашата работа, водењето на локалната самоуправа и реализацијата на проекти кои ќе ги подобрат инфраструктурните услови, ќе овозможат имплементација на одржливи решенија во делот на урбаната мобилност и ќе придонесат кон подобра уреденост на просторот.

Меѓусебната соработка и поддршка е важна и за да ги задржиме и мотивираме и младите архитекти и инжинери, како стручна сила, да останат и да работат, во и за својот град и својата држава.

Со доволна ангажираност на сите носители на одлуки, верувам дека сето тоа е возможно и остварливо.

Во оваа прилика, сакам да го честитам и 15 годишниот јубилеј на Комората на овластени инжинери и архитекти, да Ви честитам за Вашиот придонес за развојот на инжинерството, комората и струката воопшто“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Во првиот дел од средбата, професорката Димитра Фига од Универзитетот „Аристотел“ од Солун, одржа презентација од нејзината работа, додека во вториот дел од средбата се дискутираше помеѓу присутните на теми кои ги засегаат архитектите и планерите. На настанот беа презентирани Ценовникот за инженерски услуги за високоградба и Тарифникот за урбанистичко планирање, како и предизвиците за нивно донесување и нивно спроведување.