ПРВА ОФИЦИЈАЛНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЗБРАТИМЕНИОТ ГРАД ЦЕТИЊЕ

ПРВА ОФИЦИЈАЛНА СРЕДБА НА ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА ПЕТРОВСКА И ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЗБРАТИМЕНИОТ ГРАД ЦЕТИЊЕ

Речиси една година по збратимувањето по електронски пат на Општина Битола и Престолнината Цетиње од Црна Гора, двајцата градоначалници Наташа Петровска и Александар Кашќелан, како што си ветија, остварија средба и за прв пат се ракуваа како челници на двата збратимени градови.

„Ми претставува вистинско задоволство што денеска го имаме како гостин првиот човек на престолнината Цетиње, Александар Кашќелан, со кого минатата година покажавме дека нема непремостливи препреки, кога има добра волја да направиме нешто за своите градови. Минатата година точно на празникот на нашиот град, успевме да се збогатиме со збратимувањето на двете локални самоуправи. Денес ја имаме таа привилегија да тоа на некој начин го доофицијализираме, односно имаме можноста да се ракуваме, покрај тоа што минатата година го направивме виртуелно, но и да дискутираме за се она што двете локални самоуправи можат да го направат за своите граѓани, во делот на културата, образованието и туризмот, но и во делот на сето она што значи душата на двата града, затоа што она што е карактеристично за двата града е што носат душа на своите држави. Зборувавме не само за областите каде може да соработуваме, туку и каде сето тоа можеме да го операционализираме со конкретни активности и конкретни чекори, за да навистина, како што како што кажа почитуваниот мој колега, да не остане тоа само на парче хартија, туку на нешто што ќе даде реални можности. Зборувавме меѓу другото размена на ученици, за можноста црногорските деца да се најдат во друштво со останатите деца кои престојуваат во нашиот град во рамките на манифестацијата Мал битолски Монмартр. Зборуваме дека е добра можноста да двата градови реализираат активности кои што ќе дадат прилика да бизнис заедниците од двете средини имаат средби и ги пласираат своите можности за соработка и пласман на своите производи. Сето ова покажува дека локалните самоуправи, поддржани од централната Власт, но и од амбасадите, во случајот од амбасадорката Петровиќ, можат да вродат со плод, односно можат да дадат операционализација на низа активности која ќе значи за локалните самоуправи и локалното население. Сигурна сум дека во текот на денешниот ден ќе имаме уште многу да си кажеме со почитуваниот градоначалник на престолнината Цетиње, за да размениме дополнителни искуства и отвориме патишта и перспективи за нашите два града“, рече во изјавата за медиумите градоначалничката Наташа Петровска.

„Со Битола не поврзува не само збратимувањето, туку и и силни историски и културни врски, бројни пријателства и семејни односи. Не поврзува и заедничката европска перспектива , но и сите политички цели, кои се засновани на меѓусебно почитување, доверба и определба да ги градиме нашите градови и држави како заедници на граѓаните. Со почитуваната градоначалничка Петровска, се сретнавме на една работна средба во Скопје, пред неполни две години и брзо се договоривме врската меѓу двата града да ја подигнеме на повисоко ниво. Во тоа имавме поддршка од амбасадата на Црна Гора и Северна Македонија. Меморандумот за збратимување го потпишавме на 4 Ноември минатата година, кога ветивме дека нема да остане мртво слово на хартија. Денешната средба е потврда дека ветувањето го исполнивме и со нов ентузијазам ја продолжуваме соработката. На градоначалничката Петровска и го пренесов интересот на Цетиње за засилување на соработката и за размена на најдобрите искуства и практики во сите области на работа на локалната самоуправа, како и во секторите образование, туризам, култура и спорт. Посебно сме заинтересирани за бизнис соработката помеѓу стопанствениците од Цетиње и Битола, затоа што црногорската престолнина е позната по производите од месо, од кои најпозната е црногорската пршута. Освен тоа Цетиње има исклучителна географска позиција и добра сообраќајна поврзаност, со што има добри услови и стимулативни мерки за развој на бизнисот, со што ги охрабруваме потенцијалните инвеститори од Битола, да инвестираат во бизниси во Цетиње. Заинтересирани сме за соработка во туризмот, затоа што двата града имаат исклучителен туристички потенцијал, посебно ако се има предвид дека историски гледано претставувале важни духовни, општествено политички и културни центри на нашите држави, но и на дипломатскиот живот. Двата града дале значаен придонес и имале голема улога во изградбата на државноста, националните особености и културните знаменитости на нашите држави. Со градоначалничката Петровска разговаравме за можноста за соработка и заедничко аплицирање на проекти за средства кои од претпристапните инструменти ги обезбедува ЕУ. Разговаравме и за младинските политики и младите, нивните вклучувања во носење одлуки, како и за соработката во образованието, размена на ученици и студенти. Договоривме соработката во сите области на интерес да ги конкретизираме низ планови на активности кои ќе усогласиме со примена на непосредна соработка на надлежните служби во двата града. Се заблагодарувам на гостопримството на градоначалничката Петровска и нејзините соработници, со очекување дека пред нас е година која ќе биде одбележана со исклучителна соработка на нашите градови“, посочи градоначалникот на престолнината Цетиње, Александар Кашќелан.

Градоначалниците разменија и пригодни подароци. Петровска на Кашќелан му подари икона од заштитникот на градот, подобниот Св. Нектариј Битолски и монографија за античкиот локалитет Хераклеја, додека пак Кашќелан и подари на Петровска скулптура од основачот на градот Цетиње, Иван Црнојевиќ.

Во црногорската делегација беа и амбасадорката на Црна Гора во земјава Марија Петровиќ, почесниот конзул на Црна Гора во Битола Мики Андријашевиќ и други претставници.

Минатата година, на Денот на ослободувањето на Битола 4 Ноември, беа потпишани Меморандумите за збратимување, со што беше реализирано првото електронско потпишување на ваков документ во исто време, на далечина. Потпишувањето се изврши истовремено од страна на двата градоначалници, на меморандумите на двата јазици.